Меѓународен фестивал за карикатура и афоризам „Пијанец 2015“ во Делчево

Добитник на златна плакета за карикатура на Меѓународниот фестивал за карикатура и афоризам „Пијанец 2015“ во Делчево е Дарко Дрљевиќ, карикатурист од Црна Гора, одлучи жири-комисијата на годинашново, четврто по ред издание, кое треба да се одржи на 24 мај.

Од областа на карикатурата сребрената плакета ја доби Олекси Кустовски од Украина, а бронзената Клаус Пинтер од Австрија.

Од областа на афоризмот златната плакета му е доделена на Александар Чотриќ од Србија, сребрената на македонскиот сатиричар Витомир Долински од Струга, а бронзената плакета ја делат Владица Миленковиќ и Владимир Драмичанин од Србија.

Блаже Докулески е добитник на наградата за посебен придонес во развојот и популаризацијата на македонската карикатура во светот.

На фестивалот се пријавени над 200 карикатури од десетина најдобри карикатуристи од светот, но и над 1.000 афоризми од афористичари од балканските земји.

– Изненадени сме од големиот интерес на домашни и автори од странство, врвни карикатуристи и афористичари, што ветува квалитетна програма и за годинашново, четврто по ред издание на Меѓународниот фестивал закарикатура и афоризам „Пијанец 2015“ во Делчево, изјави за МИА сатиричарот Миле Ѓорѓијоски, од организациониот одбор на фестивалот.