Меѓународен атлетски маратон: Се извинуваме кон жените, наградниот фонд ќе биде ист и за мажи и жени

По притисокот од јавноста и бројните реакции, организацискиот Одбор на Меѓународниот атлетски маратон Охрид упатува јавно извинување кон жените и вели дека ни на крај памет не им било да вршат дискриминација врз жените.

„Веќе добиваме некои понуди за помош и во секој случај наградниот фонд ќе биде ист и за мажи и жени и се надеваме дека поттикнавме многу поголем интерес од женската популација кој недостасуваше на оваа трка“, соопштуваат од Меѓународниот атлетски маратон.

Инаку, претходно реакциите беа поттикнати од најавата на 31-от Меѓународен атлетски маратон во Охрид кој предвидуваше скоро двојно помал награден фонд за жените учеснички. Односно, наградата за првопласираниот маратонец беше 800 евра, додека за првопласираната маратонка беше 500 евра. За второ место наградите беше 400 со 250 евра, во корист на мажите, слично како и за третопласираните.