Меѓаши: Забранета е злоупотреба на деца во политички кампањи

Забранета е злоупотреба на деца во политички кампањи, потсетуваат од Првата детска амбасада во светот Меѓаши. Оттаму велат дека деновиве до нив пристигнале четири пријави и информации за прекршување на детските права или манипулација со деца, како резултат на актуелната предизборна кампања.

За жал, според начините на водење на кампањите, но и според досегашните искуства од неспроведените ветувања, политичките партии не успеваат да разберат што е најдобар интерес на децата, велат од Меѓаши и додаваат дека тие и понатаму се користат на најразлични начини за добивање политички поени.

„Спотовите за политичка кампања во кои се користат елементи од детскиот свет како читање бајки пред спиење истиот тој свет го загадуваат на најлош можен начин. Не само што одземаат нешто убаво од детскиот свет туку по одземањето го враќаат преработено и исполнето со деструктивни содржини кои можат да имаат негативни последици кај децата. Децата немаат капацитет да го разберат кажаното ниту има реална потреба децата да ги разбираат дневно-политичките борби на партиите“, укажуваат од детската амбасада.

Потсетуваат дека согласно Изборниот законик Член 76 ставка 3 не е дозволено учество на малолетници во платено политичко рекламирање.

„Користењето деца директно во рекламните спотови продолжува. Дополнително е манипулативно кога се користат како емотивен залог за иднината а во сегашноста речиси ништо не се прави за децата и детските права. Детските соништа се скапоцени, тие потекнуват и се обликуваат според детската имагинација која ја гледа сегашноста со очите на реалноста. А сегашноста за некои деца е немање современи играчки и електронски уреди, за некои немање клупа и училиште, додека за некои немање основни услови за живот. Злоупотреба на малолетни деца кои делат промотивни материјали облечени во маички со симболи на политички партии е очигледна злоупотреба а дополнително згрозува доколку имаме случај на смислен обид изведен од друга политичка партија за дискредитација на одредена партија. Делењето директна помош за деца како дел од предизборно рекламирање е неприфатливо и треба да се смета за купување на гласови“, додаваат оттаму.

Вклучувањето на децата во политичката кампања е спротивно на Конвенцијата за правата на детето, според која, децата треба да бидат заштитени од сите видови злоупотреби и манипулации. Првата детска амбасада во светот Меѓаши повторно апелира до сите медиуми да одбиваат емитување на платени политички пораки доколку во нив се врши злоупотреба на децата за политички и партиски цели.