Меѓаши: Средношколската унија и Пленумот треба да воспостават комуникација

Првата детска амбасада Меѓаши смета дека Средношколската унија на Македонија и Средношколскиот пленум треба да разговораат како партнери и да изнајдат заедничко решение. Ова се посочува во одговорот на „Меѓаши“ на претставката од Средношколската унија на Македонија, кои тие ја поднесоа поради протестите организирани од Средношколскиот пленум кој беше незадоволен од договорот за државната матура направен меѓу Унијата и МОН.

„Секогаш кога постојат две тн. спротивставени страни сметаме дека најважно е воспоставувањето комуникација, всушност тоа се први чекори кон можната посакувана промена…Сметаме дека е важно Средношколската унија на Македонија и Средношколскиот пленум да разговораат како партнери и да изнајдат заедничко решение за излез од состојбата која доколку не се реши навреме може и да ескалира со несакани последици, што никој всушност и не го посакува или пак да резултира со гаснење на надежта кај младите дека се можни промените“, стои во соопштението на детската амбасада.

Тие како организација за правата на децата, го нагласуваат правото на здружување на децата и нивната слобода на изразување како и гарантирање на сигурноста и безбедноста на децата кога учествуваат во протестирање.

„Правото на мирен протест е едно од основните права на човекот преку кое тој може да го изрази своето мислење за задоволство и незадоволство. Вклученоста на децата во протести, преку формални или неформални здружувања, за прашања кои се од нивно значење водат кон тоа децата да имаат директно влијание врз политички промени и креирање политики кои се однесуваат на теми од нивно значење“, стои во одговорот на „Меѓаши“ каде се додава исто така е важно да се спречи злоупотребата на овие случувања во политички цели и за партиски интереси.

Оттаму потсетуваат дека Македонија е потписник на Конвенцијата за правата на детето (КПД) и други меѓународни документи со кои на децата им се гарантираат правата за учество и партиципација во процесите на одлучување за прашања кои се важни за нив.

Преставката на Средношколската унија беше поднесена по бројните протести на Средношколскиот пленум, кој тие го нарекоа пара-организација која ги злоупотребува децата. Од Средношколскиот пленум пак укажаа дека Унијата на средношколци со години има неактивен статус, но и јавно повикаа на дебата преку која претставниците на овие две структури би ги соочиле нивните ставови и аргументи и отворено ќе дискутираат за своите барања.