Меѓаши: Сите деца имаат право на безбедно детство и сигурност во училиштето  

Како родителите и наставниците да детектираат, постапат и реагираат при случаи на насилство во училиштата, е една од целите на новиот Прирачник кој го промовираше „Меѓаши“.

Публикацијата​ „Кон заштита и промоција на детските права: Политики и алатки за промовирање на основните права на безбедност, сигурност и заштита на детето во училишната средина“ е наменета за училиштата во Македонија, а изработена во текот на изминативе години.

Според „Меѓаши“, оваа публикација​ дефинира политики, процедури/алатки кои се​ воспоставени во праксата низ училиштата и кои можат да помогнат во работата на наставниците, стручните служби и другите органи и тела или субјекти вклучени во воспитно-образовниот процес.

„Овој прирачник може да ни послужи не само како база за воспитување и образование на учениците во училиштата, туку и во градење на култура за мир, безбедно и сигурно училиште. Пред се’, сигурно училиште. Сите деца имаат право на безбедно и среќно детство, но во животот не е секогаш така. Истражувањата покажуваат дека родителите во текот на денот посветуваат само 10 минути на своите деца. Тие 10 минути не се доволни да разговараат, ниту да откријат со какви потешкотии се среќаваат од аспект на безбедност и сигурност, или од меѓуврсничко насилство, за да можат евентуално да превенираат и да им помогнат“, рече Драги Змијанац од „Меѓаши“ на промоцијата на прирачникот.

За жал, вели тој, денес децата во училиштата неретко се изложени на разни видови на насилство, кои доведуваат до последици во нивниот психофизички раст и развој, и кршење на нивните основни права, загарантирани со Конвенцијата за правата на децата.

„Како последица на насилството на децата, се смета дека тоа многу влијае на нивната сигурност, и тие ретко пријавуваат за насилството кај стручните служби во училиштата, затоа што не секогаш веруваат дека институциите на системот можат да се снајдат, соодветно да превенираат, или да ги заштитат“, нагласи Змијанац.

Публикацијата е изработена во текот на изминативе години и подготвена во рамките на проектот „Да ги земеме правата во нашите раце“, спроведуван од Првата детската амбасада во светот „Меѓаши“ во партнерство со Save The Children – Kosovo. Содржината се базира на извештаи од работата во училиштата, направени од стручни лица кои потоа се синтетизирани и уредени за поширока примена: д-р Софија Георгиевска, д-р Стевко Стефаноски. Издавач е „Меѓаши“.