Меѓаши реагира за носењето на деца на протестите на „За заедничка Македонија“

Првата детска амбасада во светот – Меѓаши, реагира за носењето на деца на протестите организирани од Иницијативата „За заедничка Македонија”. Писмото го пренесуваме интегрално.

Како организација која се грижи за децата, внимателно и со голема загриженост и  страв следиме што се случува во Република Македонија последниве години и конкретно сега, овој период. Се обраќаме во врска со присуството на деца на протестите.

Според Повелбата на Детската амбасада Меѓаши децата се само деца, тие не познаваат граници бидејќи ,,каде започнува светот со граници, таму престанува детството”. Детската амбасада Меѓаши стои зад детските барања за демократија кога станува збор за прашања кои се во нивен интерес, за слобода, ненасилна борба против детската злоупотреба, но никогаш нема да застане во спрега со поставувањето етнички граници!

Длабоко сме свесни дека повикувањето на браќа и сестри на етничка основа и секое друго подвојување на етнички и други основи е чекор кој може Република Македонија да ја однесе во граѓанска војна. Организаторите и учесниците на протестите треба да се свесни за одговорноста која ја носат, да ја задржат присебноста, да ја послушаат својата совест и да ги зачуваат демократијата и човековите права во Македонија, секако во најдобар инетерес на децата!

Ги повикуваме сите граѓани и граѓанки да внимаваат, политички партии и нивни лидери, здруженија на граѓани, да не дозволат етничкиот предзнак да не донесе во војна во која сите ќе бидеме губитници, а најмногу нашите деца. Постојано говориме дека децата ни се први и пред сé, дека во нивно име ги правиме работите најдобро што умееме и знаеме, но се однесуваме како да не сме свесни колку далеку може да не однесат етничките поделби, националистичките ознаки и пароли, двоења, провокации. Да не дозволиме историјата на Република Македонија и земјите околу нас да ни се повтори. Потсетуваме на слични конфликти и војни во Босна и Херцеговина 1992-1995, во Косово 1999-2000 и конфликтот во Република Македонија во 2001. Гледаме што се случува со децата во Сирија. За нив организираме помош на солидарност со здружението Легис, за да им помогнеме! Да не дозволиме утре тоа некој друг да го прави за децата од Македонија!

Кој ќе ја преземе одговорноста ако биде загрозен макар и еден детски живот?!

Ги повикуваме организаторите на протестите да ги стават интересите на децата пред било кои други интереси – без оглед на нивното етничко,национално, религиско и друго прашање и ги повикуваме да направат сѐ што треба да се гарантира  сигурноста и безбедноста на децата на протестите.

Ставот на Детската амбасада Меѓаши околу прашањата за носење деца на протестите и контрапротестите, односно што претставува злоупотреба на децата а што детско учество.

Носење деца на протестите, и кога се генерално ненасилни, постои потенцијален ризик од појава на насилство а можат и да бидат трауматично искуство за децата, особено поради викотниците, присуството на вооружени полицајци, голем број непознати луѓе одеднаш…Ставот на Меѓаши е дека деца не треба да се носат на протести, но доколку родителот на своја одговорност одлучи поинаку, тогаш треба да стои понастрана од гужвите, на места каде постои помала опасност од евентуални насилства и нереди. Инаку, присуството на деца на протести, маршеви и сл. ненасилни собири не е новост, таа веќе подолго време се практикува во повеќе земји во светот.

Политичка злоупотреба на децата подразбира политичка присила и  организирање на децата како инструмент за политички притисок. Што се однесува до партиски митинзи, ставот на Меѓаши е јасен и го имаме споделено со вас на повеќе наврати. Носење и учество на деца како декор на настани со партиска позадина и агенда е политичка злоупотреба на деца за партиски цели. Не дозволувајте вашите деца да бидат предмет на манипулација.

Да потсетиме дека детето не е објект на кој возрасните ќе му кажуваат што да прави. Детето е рамноправен граѓанин како и сите други и така треба да биде третирано. Тоа го подразбира и детското учество во политичкиот живот.

Детското учество подразбира поттикнување кај децата од најмала возраст интерес и за политичките случувања, да контактираат со политичарите, со донесувачите на одлуки, да влијаат на процесите на одлучување, да добиваат и даваат информации, да го изразат своето мислење, својот став за одредени прашања, да се слушне нивното мислење и да се посвети соодветно внимание на тоа мислење. За да се избегне манипулацијата со нив, која за жал е се уште присутна во нашево општество, децата мора од најмала возраст да бидат воспитувани и поттикнувани да размислуваат критички и слободно да го изразуваат своето мислење.

Како рамноправни граѓани на оваа држава а кога станува збор за протестите, децата имаат право да бидат информирани што се случува во државата, затоа што ова прашање нив директно ги засега и можеби повеќе и од сите нас возрасните, бидејќи иднината на земјава останува на нив. Децата имаат право да учествуваат во сите демократски процеси во државата, имаат право да учествуваат на протести, да ги претстават своите барања, потреби, а возрасните треба тоа да им го овозможат на демократски, достоинствен и мирен начин, без насилства и без злоупотреби.

Како што ви е познато Детската амбасада Меѓаши го поддржува детското учество и детскиот глас особено кога во фокус се прашања за потребите, интересите и правата на детето како и слободата на родителите да ги одгледуваат нивните деца во духот на демократијата, критичкото мислење, и општествена промена преку ненасилство. Детската амбасада работи постојано во правец на поттикнување на родителите и јавноста за одговорно родителство. Доколку сте убедени дека треба да ги носите децата на протести, имајте на ум дека одговорноста ако нешто им се случи е ваша. Затоа, ве молиме проценете дали постои ризик протестите да бидат насилни? Потрудете се да не бидете во првите редови со деца, односно движете се во простори од каде што лесно ќе може да заминете во случај да има насилство. Доколку ја преземете одговорноста со дете да одите на протест, размислете зошто го правите тоа, кои се причините, зошто сакате и вашето дете да биде таму? Во зависност од возраста на детето, разговарајте со него каде го носите, зошто го правите тоа, што ќе се случува таму.

На крајот уште еднаш да потсетиме во однос на вклучувањето и учеството на децата во протестите , имајте предвид дека постои можност, сигурноста и безбедноста на децата да бидат доведени во опасност.  Демократското право на протест по дефиниција го исклучува нивното вклучување во ризични настани кои може да ескалираат со насилство.

ЗА ПРАВОТО НА ДЕЦАТА НА ПРОТЕСТ СПОРЕД УСТАВОТ НА РМ, КОНВЕНЦИЈАТА

ЗА ПРАВАТА НА ДЕТЕТО И ЕВРОПСКИОТ СУД ЗА ЧОВЕКОВИ ПРАВА

Децата имаат право на слободно здружување, изразување и мирен протест. Уставот на РМ го гарантира правото на граѓаните, вклучително и децата на мирен собир и јавен протест. Користењето на ова право може да биде ограничено само во услови на воена и вонредна состојба. Конвенцијата за правата на детето, член 15, потенцира дека државите членки го признаваат правото на детето на слобода на здружување и слобода на мирно собирање и во однос на остварувањето на ова право не може да се наметнуваат никакви ограничувања освен оние кои се во согласност со закон и кои се неопходни во демократско општество во интерес на националната безбедност или јавната сигурност, јавниот поредок, заштитата на јавното здравје или морал или заштитата на правата и слободите на другите. Државите имаат позитивна обврска да го штитат ова право на децата и да ги едуцираат државните, јавните и полициските службеници за правото на децата да протестираат, со цел полесно практикување на ова право.

Во неколку случаи по кои што до сега одлучувал Европскиот суд за човекови права, а каде што предмет било детското учество на протести, било утврдено дека децата имаат право да учествуваат на протести, потенцирајќи дека треба да се сметаат за ранлива група и затоа државата треба да им обезбеди посебна заштита, особено од страна на полициските службеници, при практикување на ова право.

Оттука, сметаме дека оспорувањето на учеството на децата на протести, освен во случаи кога нивната безбедност е во опасност, претставува директна закана и за остварувањето на правото на протест.

Конвенцијата за правата на детето, во член 12 предвидува дека секоја држава на детето кое е способно да формира свое сопствено мислење му обезбедува право на слободно изразување на тоа мислење за сите права кои го тангираат, посветувајќи му должно внимание.

Детската амбасада Меѓаши го поддржува правото на јавен собир, но само во услови кога безбедноста на децата е загарантирана и кога тие не се користат како декор или средство за манипулација и изразување туѓи ставови и размислувања.

Децата се посебен народ. Децата не се национални и верски војсководители. Тие се еден народ кој никогаш не извел револуција или контрареволуција, ниту пак повел војна. Децата не се ни класно ни национално прашање: децата се прашање над сите прашања. Тие се народ кој најмногу страда во воените судири и човековите трагедии. ДЕЦАТА СЕ САМО ДЕЦА.

(Од Повелбата на Детската амбасада Меѓаши)