Меѓаши: Пратениците во Собранието да стават акцент и на детското учество и нивната слобода на говор

Детското учество и слободата на говорот се теми на кои е потребно во иднина да се стави поголем акцент, сметаат од Првата детска амбасада „Меѓаши“. Во текот на 2016 година, од вкупно 35 одржани пленарни седници, на осум индиректно се дискутирало за децата и нивните права. Речиси на сите седници се споменувало само правото на соодветно образование, здравствена и социјална заштита.

Овие податоци ги покажува новиот извештај изработен во рамките на проектот „Имплементација на Конвенцијата за правата на детето во Македонија“, a спроведуван од Коалиција на младински организации СЕГА, во партнерство со Првата детска амбасада „Меѓаши“ и Младинскиот образовен форум. Тој има за цел да увиди колку во Собранието како највисока власт, се посветувало внимание на детските права во согласност со Конвенцијата за заштита на  правата на децата од страна на пратениците кои ги претставуваат сите граѓани воедно и децата.

За потребите на истражувањето се анализирани предлози, иницијативи, предлог-закони и измени на законски решенија, дискусии, кои се однесуваат на деца и се актуелизирани од страна на пратениците во Собранието, минатата година.

Од „Меѓаши“ велат дека за поздравување се дискусиите и идниректниот начин на разгледување на примарните права на детска заштита за време на седниците, но според нив, потребен е поголем акцент и на другите права.

„Препорачуваме Комисиите кои третираат прашања поврзани со детските права да вклучуваат граѓански организации кои имаат експертиза по одредени прашања со цел да се поттикне партиципативен процес при донесување на системски одлуки поврзани со детските права“, сметаат од детската амбасада.

При анализата на документацијата се разгледувал политичкиот контекст во текот на 2016 година, при што се забележало дека во Собранието пратениците разговараат за правата на децата од различни аспекти. Но, најчесто за правата на децата се зборувало на индиректен начин, покажува извештајот.

Извештајот е дел од проектот „Имплементација на Конвенцијата за правата на детето во Македонија“, кој во наредните две години ќе има за цел да го подобри учеството на децата и младите во процесите на донесување на одлуки во училишниот и општествениот живот во Република Македонија.