„Меѓаши“ повикува да не се злоупотребуваат деца во политички цели за референдумот

Во пресрет на претстојниот референдум, Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ упатува повик да се внимава на децата, постојано да се има на ум нивниот интерес и да се почитуваат законите и Конвенцијата за детските права.

Со Законот за заштита на децата член 12 став (4), велат од „Меѓаши“, се забранува злоупотреба на децата поради политичко или верско организирање и дејствување. Во 1991 година Собранието на Република Македонија ја донесе Декларацијата за заштита на детето од политичка манипулација и злоупотреба.

„Во истата се вели дека се забранува секаков вид политичка присила и организирање на децата како инструмент за политички притисок и злоупотреба и изложување на нивната физичка сигурност и здравје Ве молиме да не ги користите децата во функција на политичка пропаганда без оглед дали сте ЗА, ПРОТИВ или за БОЈКОТ на референдумот. Користете ги демократските права врзано за полнолетни лица/ возрасните граѓани и граѓанки на Република Македонија според сопствените уверувања но без користење и инволвирање деца во и за партиски и политички цели“, соопштува „Меѓаши“.

Од таму посочуваат дека доколку навистина некој сака да дејствува во најдобар интерес на децата или е загрижен за децата и и нивната иднина, а со своето однесување да придонесе кон градење демократска култура, да им покаже на децата како практицирање на одредени демократски форми треба да изгледа.

„Покажете дека во Република Македонија е возможно со неистомислениците да се дискутира на културен и ненасилен начин, почитувајќи ги децата и нивните права“, стои во обраќањето на „Меѓаши“.