Меѓаши изрази солидарност за 375 граѓански организации кои се затворени во Турција

Првата детска амбасада во светот Меѓаши испрати отворено писмо до Членовите на Комитетот за правата на детето при ООН, до меѓународните организации и мрежи за заштита на правата на детето, до амбасадите и медиумите, за да изрази поддршка и солидарност за The Agenda The Child Association (Gündem Çocuk Derneği) и 374-те други граѓански организации кои биле затворени или забранети во Турција.

The Agenda е организација формирана во 2005 година, која им помага на сексуално злоставуваните да најдат добар живот без дискриминација, ги надгледува правата и слободите на децата и се грижи за превенција од злоупотреба на децата во малолетничките поправни домови.

Таа е една од вкупно 375 асоцијации кои биле суспендирани во воената состојба која во Турција трае од јули.

Поради тоа, од Меѓаши реагираат со поддршка. Писмото го пренесуваме во целост:

Почитувани,

Со ова обраќање ја изразуваме нашата загриженост и огорченост за затворањето на 375 граѓански организации во Турција. Една од нив е и The Agenda the Child Association (Gündem Çocuk Derneği) од Турција која е партнерска граѓанска организација на Првата детска амбасада во светот Меѓаши и која исто така ги штити и застапува детските права. Активностите на The Agenda the Child Association (Gündem Çocuk Derneği) се прекинати од страна на Турската влада за период од 3 месеци почнувајќи од 11.11.2016 година.

Првата детска амбасада во светот  Меѓаши како меѓународна организација чија мисија е застапување и заштита на правата на детето како и зајакнување на граѓанското движење за правата на децата, дава целосна поддршка за продолжување на работата на The Agenda the Child Association од Турција (Gündem Çocuk Derneği). Воедно и итно бараме од турските власи да ја преиспитаат оваа одлука, да ја повлечат забраната за The Agenda the Child Association (Gündem Çocuk Derneği).

Ова барање и  информација за потешкотиите кои ги има The Agenda the Child Association ќе биде проследено до сите Европски и светски мрежи за заштита на детските права во кои Првата детска амбасада во светот Меѓаши членува, како и до сите надлежни институции, сите тела на Обединетите нации, до амбасадаите во Република Македонија, Комитетот за заштита на детски права, како и домашните и светските медиуми.

Во солидарност со нашата партнерска организација од Турција, заедно продолжуваме во оваа борба за одбрана на достоинството, дигнитетот и работата на The Agenda the Child Association (Gündem Çocuk Derneği) и сите други 375 граѓански организации кои се затворени! Секое дете е важно и секое дете заслужува да има некој што ќе го подигне гласот за него, ќе ги штити неговите права, а тоа денес не е можно без организации каква што е The Agenda the Child Association (Gündem Çocuk Derneği)!

М-р Драги Змијанац

Директор и основач на Првата детска амбасада во светот МЕЃАШИ