„Меѓаши“: 68,7% од родителите прифаќаат комбинација на физичко присуство и онлајн настава, но бараат гаранции за здравјето на децата

„Повеќе од две третини од родителите/старателите (68,7% од испитаниците) прифаќаат т.е. би избрале паралелен пристап – комбинирана настава со физичко присуство и онлајн-настава. Притоа, секој од родителите истакна, независно од тоа дали е за комбиниран пристап или за онлајн настава, дека никако не би поддржале настава со физичко присуство на нивните деца ако има голем број на заразени“.

Ова е еден од заклучоците на анкетата што ја спроведе Првата детска амбасада „Меѓаши“, која денеска ја презентираа пред јавноста.

Според истражувањето меѓу 1.003 испитаници во периодот од 22 јули до 3 август, како најбезбеден услов за спроведување на образовниот процес е рангирана „онлајн – настава, доколку Владата забрани одржување настава во училиштата поради зголемен број на заразени“. Тоа го истакнале 50,8% од испитаниците.

„Комбинирана настава од онлајн – настава и настава во училиште со намален број присутни ученици и со сите запазени протоколи за безбедност во училиштата“ е најчесто второ рангиран услов и тоа од 44,7% од испитаниците.

Најчесто како трето-рангиран со 35,7%, пак, е условот „настава во училиште за сите деца распределени во помали групи, кои ќе одат во смени со сите запазени протоколи за безбедност во училиштата“.

Нешто повеќе од една половина од испитаниците (52,4%) би потпишале согласност нивното дете да оди на училиште секој ден, под услов МОН да предложи одење во школо со подобрени услови за хигиена, почитување на препораки од здравствените власти и редуциран број ученици со најмалку 2 метри оддалеченост.

Најголема загриженост доколку започне физичка настава за 39,7% од испитаниците претставуваат опасности на патот до училиште и враќање дома (автобус, дружење после часовите и сл.) .

„Голема загриженост (30,7%) предизивикува и несоодветен број деца во една училница. Најмала загриженост (33,5%) покажуваат во врска со соодветното дезинфицирање на просториите. 44,7% не им дозволуваат на своите деца да се дружат со други, а 38,9 % делумно им дозволуваат “, информираа од „Меѓаши“.

Најважна работа што ја споменале родителите што недостасува кај онлајн наставата е социјализацијата, дружењето со врсници поврзани со правилниот развој на децата (воспитниот аспект на училиштето).

„Второ, сите сегменти на наставата со физичко присуство (наставниците, предавањата, училишните часови, работната атмосфера, контактот и комуникацијата наставник-ученик, ученик-ученик). Трето, квалитетно образование и стекнување на соодветни знаења (образовниот аспект на училиштето)“, соопштија од Меѓаши.

Целиот извештај може да се види овде.