Меѓаши: Децата се осамени и се плашат да пријават насилство

Кај децата се уште владее осаменост, отуѓеност, агресија, страв и недоверба, и во однос на семејството, најблиските и институциите кога децата се жртви на насилство, злоставување или злоупотреба. Ова е генерална забелешка од работата на СОС телефонот за деца и млади во Првата детска амбасада во светот Меѓаши 0800 1 2222.

Меѓаши: Децата се осамени и се плашат да пријават насилство

На денешната прес-конференција извршниот директор и основач на Првата детска амбасада во светот Меѓаши, Драги Змијанац информира дека стравот се должи на недоволна посветеност на родителите кон она што му се случува на детето, непрепознавање на првите сигнали кога детето е жртва, недоверба во институциите дека нема дополнително да го виктимизираат и стигматизираат во процесот на докажување на вината на осомничениот и несоодветно постапување по основ на детето жртва.

„Многу често детето се враќа во семејството таму каде што го трпи насилството и повторно тоа се повторува“, додаде Змијанац.

Јана Зенговска, психолог и координатор на СОС телефонот за деца и млади во Првата детска амбасада во светот Меѓаши информира дека минатата година се регистрирани 279 контакти (преку СОС телефонот, е-маил, преку социјалните мрежи и со директна посета во Меѓаши), со кои подоцна дополнително комуницирале 969 пати.

„Минатата година, деца потенцијални жртви биле 408. Најголемиот број од јавувачите се од женски пол, а само 12 деца имале храброст да пријават насилство или прекршување на некое нивно право“, рече Зенговска и додаде оти генерално децата се плашат да пријават насилство.

Во текот на 2013 година, најголем број од децата потенцијални жртви или 79 живеат на работ на егзистенцијата, во субстандардни услови. 37 деца имаат проблем со домување, а 62 деца биле изложени на семејно насилство.

„Лани двајца мажи дошле и пријавиле семејно насилство од страна на нивните поранешни или сегашни сопруги врз нив и врз децата“, рече Зенговска.

Педесет и едно дете било жртва во текот на бракоразводни постапки, а најчесто проблемот е видување со родител. За 40 деца има сомнеж дека политички биле злоупотребени, а девет деца биле жртви на сексуална злоупотреба, од кои во еден случај од сопствениот татко. Најголем број од јавувачите се од македонска етничка припадност или 53, 37 се Роми и 13 Албанци.