Мегафон – нова месечна емисија од утре на Радио МОФ

Што се случи со гласот на студентите по масовните протести? Има ли потреба за формирање нови универзитети, или е обид за капитулација на УКИМ? Зошто изборот за претставник на Регионалната канцеларија за млади (РИКО) е важен? Се смени ли нешто за студентите во студентските домови? За овие и уште неколку теми ќе слушате во новата емисија, „Мегафон“.

Станува збор за нова, авторска информативна радио-емисија, создадена од редакцијата на Радио МОФ, која ќе се емитува секој прв вторник во месецот.

Во нашето прво издание, решивме мегафонот „да го предадеме“ на студентите и да ги слушнеме нивните проблеми, предизвиците, како и актуелностите во високото образование. Ќе зборуваме за новите универзитети „Мајка Тереза“ и „Дамјан Груев“, за спорните избори за младински претставник во РИКО. Исто така, ќе се осврнеме на студентскиот стандард и животот во студентските домови, „барокните“ факултети на УКИМ, а воедно ќе развиеме дебата за сиве овие проблеми со Владимир Мартиновски, член на Професорскиот пленум и Независниот академски синдикат и Деа Здравковска од Студентскиот пленум.

Следете нѐ утре (01.11) од 14 часот, на Радио МОФ.