Меџити презафатен за #ПрвоКафеКај, утре граѓанската иницијатива во Бутел

Иницијативата на граѓани револтирани од загадувањето #ПрвоКафеКај, денеска по втор пат беа на посета на просториите на Општина Чаир но повторно не успеале да се сретнат со градоначалникот Изет Меџити.

Александра Теменугова и Јане Димески, кои се дел од иницијативата, велат дека биле примени од раководителот на секторот за урбанизам, Џенгис Хани, кој ветил дека нивните прашања и барања ќе ги пренесе до градоначалникот.

„Изет Меџити, исто како и во петокот, ни денеска не беше на работа. Нè прими раководителот на секторот за урбанизам Џенгис Хани кој рече дека ќе пренесе што сакаме, но да имаме предвид дека градоначалникот е многу зафатен следните две недели. Ок“, напиша Теменугова на нејзиниот фејсбук профил.


Додека го чекаат одговорот од Меџити, тие порачаа дека утре во 9 часот, продолжуваат со утринските посети на првите луѓе на скопските општини, кај градоначалникот на Општина Бутел, Петре Латиновски.

Од иницијативата #ПрвоКафеКај, досега ги посетија градоначалникот на Град Скопје и првите луѓе на општините Центар, Кисела Вода, Карпош, Гази Баба и Аеродром.

Изминатите 24 часа, аерозагадувањето со ПМ10 честички во скопскиот регион повторно беше неколкукратно над максимално дозволените граници.