Медуза – феминистичка платформа за адресирање на проблемите во општеството

Феминизмот, како што знаеме, се уште не е популарна тема во Македонија. Има многу негативни конотации што се препишуваат на луѓе кои се дефинираат како феминисти и феминистки, па сметаме дека со овој медиум тоа малку ќе го смениме, вели за Радио МОФ Калиа Димитрова, главната уредничка на новата феминистичка платформа „Медуза“. 

Медуза.мк е веб-сајт, непрофитен медиум што генерално ќе се занимава со феминистички прашања.

Платформата која синоќа беше промовирана е создадена за девојки, жени, родови и сексуални малцинства – и во суштина сите личности со желба да слушаат, учат и живеат феминистички.

Односно, сите што сакаат да градат меѓусебни мрежи на поврзување, да читаат едни за други и пишуваат за себеси, за личните или системските проблеми со кои се соочуваат секојдевно, за своите избори, права, задоволства, своите тела, своите приказни.

Калиа Димитрова

„Било кој што сака да се вклучи има можност – да прати текст, мислење, личен проблем, искуство, или пак идеја за ние да ја напишеме. Целта е ‘Медуза’ да биде отворена платформа, одржлива на тој начин што ќе се вклучуваат голем број луѓе“, вели Димитрова.

„Медуза е место на солидарност, еманципираност, отвореност, експерименталност и прифаќање“

Уредничката потенцира дека „Медуза“ се јавила како потреба, бидејќи, вели таа, во моментов не постои никаква феминистичка веб-страна на македонски јазик.

„Нормално, невладините организации кои работат на овие проблематики понекогаш објавуваат вакви текстови, дури и информативни сајтови знаат да напишат феминистички содржини, но сепак недостасува едно место каде се гради и собира таа мисла. Нема ниту феминистичка архива во дигитална форма“, забележува Димитрова.

Фотографија: Грација Атанасовска

Бидејќи се уште не постои нешто слично од ваков тип, пробале да направат поопширна платформа. Во смисла, покриваат разни теми од политички прашања, правни аспекти, родови, култура, ЛГБТИ жени, проблеми со пристап до здравство, со абортус и сл.

„Нема да се фокусираме премногу на теорија, туку да доближиме теми кои се важни, практични, бидејќи преку феминизмот може да се адресираат проблематични прашања од нашето општество. Значи, ќе пробуваме секојдневните теми да ги поставиме преку некоја феминистичка перспектива. ‘Медуза’ има голем потенцијал. Голем број жени и девојки, особено млади девојки би имале интерес да се вклучат“, смета Димитрова, која на воведната тема на сајтот пишува дека „Медуза“ се создава и гради како еден отворен, заеднички простор кој не припаѓа никому, но им припаѓа на сите.

Инаку, „Медуза“ е дел од проект спроведен од Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија, со поддршка од Kvinna till Kvinna.

Бојан Шашевски