Медиумско огледало: Граѓанските активности тешко проаѓаат во провладини медиуми

Критичките медиуми редовно и во континуитет објавуваат информации за активностите на граѓанските организации во државата. Информациите за граѓанските активности се однесуваат на различни теми и проблеми, и најчесто се објавуваат како вести, изјави, извештаи и интервјуа.  Наспроти нив, провладините медиуми главно ги игнорираат граѓанските активности, а кога информираат за нив, се поставуваат селективно кон фактите и неретко манипулираат со информациите во правец на заштита на интересите на власта.

ЗНМ: Законот за медиуми да се примени кога Македонија ќе влезе во ЕУ

Ова се дел од забелешките  во „Медиумско огледало“,  изготвено од НВО Инфоцентарот во рамките на својата програма за континуирано следење и анализирање на медиумите во периодот од 1 јануари до 31 јули 2014 година.

„Она што е највидливо од анализата на информирањето на провладините медиуми за граѓанскиот сектор е континуираната медиумска хајка против Фондацијата отворено општество Македонија и нејзиниот директор, против критичките медиуми и новинари, и секако, против граѓанските организации и активисти кои имаат критички однос кон политиките на власта. Тие се мета на напади, јавни дисквалификации и етикетирае“, се наведува во анализата .

Во анализата се додава дека оркестрираното дисквалификување на граѓанските организации резултира и со целосен молк на институциите и комплетно игнорирање на забелешките, критиките и предлозите на граѓанските активисти за подобрување на состојбите во различни општествени области.

„Содржински и структурно, голем дел од прилозите во провладините медиуми адресирани до граѓанскиот сектор кој критички ги опсервира институциите и власта очигледно се совпаѓаат или се инспирирани од соопштенијата на владејачката партија и од изјавите на нејзините партиски и државни функционери. На овој начин, медиумските напади врз граѓанскиот сектор добиваат висок степен на политичка поддршка од власта, предизвикуваат крајна поделеност и конфликтност во општеството, и со тоа длабински го изместуваат целиот процес, кој наместо да води кон отворен дијалог и дебата, се претвора во жестока политичка пресметка со неистомислениците на власта“, се посочува во „Медиумското огледало“.

Анализата на објавените материјали во медиумите на албански јазик пак покажува дека политизирањето на активностите на граѓанскиот сектор е значително послабо отколку во медиумите на македонски јазик, а дека интересот за неговите активности е мал и спорадичен. На ваков начин граѓаните остануваат многу слабо информирани за активностите, проектите и иницијативите на граѓанскиот сектор.

Забелешки има и за МРТ во кои се наведува дека сервисот потфрла во својата улога на јавен сервис и во централните вести речиси и не одвојува простор за граѓанските иницијативи

Овој мониторинг опфати седумнаесет медиуми: централните вести на телевизиите Телма, 24 Вести, МРТ1, Сител и Канал 5; дневните весници – Слободен печат, Утрински весник, Нова Македонија, Дневник, Вечер и Вест; неделникот Фокус, како и информативните портали – Плусинфо, А1он, Курир, Република, НоваТВ. Во периодот април – јули беа дополнително вклучени и шест медиуми на албански јазик: централните вести на МРТ2 и АлсатМ; порталите – Порталб и Алмакос, како и весниците – Коха и Лајм.