Медиумските организации ги доставија забелешките за Законот за медиуми

Медиумските организации ги доставија забелешките за Законот за медиумиИако медиумските организации подолг период порачуваат дека на Македонија не и е потребен закон за медиуми, тие ги доставија своите забелешки и критики за најавениот нацрт-закон до Владата.

На денешната конференција за иднината на медиумската регулација во Македонија, беше презентирана анализата на нацрт законот на Центарот за развој на медиуми, а деновиве своите забелешки до Владата ги доставија и Здружението на новинари на Македонија и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.

Вицепремиерот Фатмир Бесими денеска најави дека по разгледувањето на критиките од медиумската заедница и добивањето на експертиза од Советот на Европа и Европската унија, Законот за медиуми ќе се најде во нова драфт верзија.

„Претставниците од разните организации имаат можност да го дадат својот придонес со коментарите за овој закон. Колку што сум информиран, нацрт законот е пратен од страна на министерот за информатичко општество за експертиза во Советот на Европа. Она што во периодот кој следи и може да биде продуктивно се коментарите кои доаѓаат од ваша страна, да се достават до министерството за информатичко општество, кои ќе се разгледаат и потоа законот во консултација со експерти од Европската унија, ќе добие нов драфт кој транспарентно ќе биде презентиран пред преставниците на оваа област“, истакна Бесими.

Сепак, поканетиот претставник од Министерството за информатичко општество и администрација, кој требаше да го презентира нацрт-законот, не присуствуваше на конференцијата.

Според Роберто Беличанец од Центарот за развој на медиуми, доколку се донесе предложениот закон, секој субјект кој ќе издава било каков медиум, ќе мора да се регистрира во Централен регистар како правно лице.

„Тоа значи дека има два начини тоа да го направи, или ќе биде компанија или ќе биде невладина организација, меѓутоа со тоа што ќе мора да се регистрира како издавач на медиум, се упатува на тоа дека само компании ќе може да формираат медиуми, што е исто така проблематично решение од аспект на генерална слобода на изразување“, истакна Беличанец.

Izjava na Roberto Belicanec, Centar za razvoj na mediumi by Radio Mof on Mixcloud

На конференцијата беше презентирано и унгарското искуство во медиумската легислатива, од страна на Еми Брулет од Централноeвропскиот универзитет, која истакна дека може да се повлечат неколку паралели во процесот на носење на законот за медиуми во Македонија и оној во Унгарија.

„Во тајност беше приготвуван текстот, со исклучување на сите експерти во Унгарија и без никакви консултации. Иако имаше значајни коментари од меѓународните експерти, Европската комисија молчеше во тоа време, за во септември 2010 година јавно да кажат дека нема никаква причина да се вмешаат во ова прашање, бидејќи тие остануваат на одлука на самата земја. Изразија загриженост, но јавно Европската комисија немаше никакви приговори и тоа на некој начин значеше зелено светло за унгарската влада да ја воведе оваа промена“, рече Брулет.

Izjava na Emi Brulet, Centralno Evropski Univerzitet by Radio Mof on Mixcloud

Македонската јавност скоро две години немаше увид во текстот на Законот за медиуми, иако Владата во неколку наврати најавуваше дека се размислува за таков предлог. По објавувањето на текстот, голем број новинари и експерти предупредија дека предлогот се обидува да воведе цензура но и да регулира области кои треба да бидат предмет на саморегулација.

Неодамна, ЗНМ официјално ја повика Владата да го повлече законот, бидејќи предложениот текст е спротивен на европските стандарди и во него постои обид да  се создаде единствен регулаторен режим за сите медиуми. Повеќе информативни веб портали на Денот на слободата на медиумите, исто така протестираа против Законот со медиуми и со 24- часовно затемнување упатија апел до читателите дека постои обид за воспоставување цензура на интернет.

Законот за прв пат предвидува да ги регулира весниците и интернет порталите а скоро сите ингеренции за неговото спроведување ќе бидат во рацете на Агенцијата за медиуми, ново тело кое ќе биде формирано од Собранието.

К.О.