Медиумската писменост е само парче од новата концепција за основно образование која треба да почне да се имплементира во учебната 2021/2022 година. Нема да се оди сукцесивно во основното образование, туку ќе има промена на наставната програма во материјалите од 1 до 9 одделение. Ова е амбициозна агенда, но сметам дека може да се постигне. Ова го истакна денеска министерката за образование и наука, Мила Царовска, која учествуваше на денешната онлајн тркалезна маса што ја организираше Македонскиот институт за медиуми и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги на тема „Потребата и можностите за вклучување на медиумската писменост во формалното образование во Р.С.Македонија“, објави Мета.
„Убедена сум и мислам дека медиумската писменост не треба да биде посебен предмет. Потребни се помалку предмети со повеќе содржина, а не повеќе предмети затоа што нашите деца не учат критички да мислат и расудуваат и сето тоа треба да се воведе во сите предмети. Воглавно ќе бидат воведени околу 5 поглавја, а другите ќе бидат изборни, дополнителни теми коишто ќе бидат директно врзани со подрачјата коишто ќе ги учат од 1 до 9 одделено“, изјави Царовска, напоменувајќи дека ќе има задолжителни обуки за наставниот кадар за примена на новата наставна содржина.
Како што посочи таа, новата концепција за основно образование ќе биде јавно објавена и отворена за дебата пред истата да биде донесена, како и наставниот план, содржина и програма за да можат сите да се вклучат со коментар.
На денешниот онлајн настан, свое излагање имаа и директорoт на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Зоран Трајчевски, директорката на Македонскиот институт за медиуми (МИМ), Билјана Петковска и националниот консултант при Регионалната канцеларија на УНЕСКО за наука и култура во Европа, Борислав Вукојевиќ.
Директорката на МИМ, Билјана Петковска која се согласи со излагањето на министерката, рече дека медиумската писменост не треба да биде еден предмет туку пристап односно начин на учење на сите предмети. Таа исто така истакна дека ова е голем зафат и предизвик, но дека верува ако постојат искрени заложби, посветеност, ентузијазам и средства, успехот ќе биде неизбежен.
„Навистина ми е драго што после повеќе од 10 години колку што траат заложбите на МИМ за воведувањето на медиумската писменост во формалното образование конечно минатата година заедно со Владата и со Коалицијата формирана од група граѓански организации и факултети за новинарство и комуникации, Јавниот сервис МРТ и со поддршка од Европската Унија сите заеднички успеавме да го придвижиме овој процес. Задоволството ми е што потребата за медиумската писменост во формалното образование е препознаена и потврдена од клучните државни институции, како Владата, МОН вклучително и Бирото за развој на образованието“, рече Петковска.
Таа истакна дека граѓанскиот сектор беше и сè уште е главен промотор и актер во вклучувањето на овој концепт во различните општествени сфери, а неговата континиурана работа во оваа област потврдува дека постои голема потреба од интервенции и активности кои ќе бидат насочени и кон формалното, но и кон неформалното образование.
„Медиумската писменост се смета за функционална писменост на 21 век и би рекла дека е клучна животна вештина без која е многу тешко да се опстои, функционира и да се напредува во ова дигитално опкружување. Самиот термин опфаќа една комплексна и динамична област која под влијание на исклучително брзиот развој на комуникациската технологија постојано се развива и надоградува“ рече Петковска.
Таа додаде дека за постигнување видливи резулати во однос на медиумската писменост кај граѓаните, неопходна е широка општествена акција и координација и соработка помеѓу релевантните чинители како државните институции, граѓанските организации, училиштата, високите образовани институции, предучилишните установи, кај медиумите и аудиовизуелните индустрија, но и во многу други сфери од културата и уметноста.
Како што истакна националниот консултант при Регионалната канцеларија на УНЕСКО за наука и култура во Европа, Борислав Вукојевиќ пак, УНЕСКО преку проект планира да воведе пилот верзии на медиумска писменост во основното и средното образование во две држави во регионот, Босна и Херцеговина и Албанија.
„Имаме одбрано по 30 училишта од секоја држава, што значи отприлика 60тина училишта. Додека пак, за Црна Гора и Северна Македонија предвидени се консултации со засегнатите страни и властите кои се заинтересирани за ваков пристап“ рече тој.
Излагање на настанот имаше и директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Зоран Трајчевски кој истакна дека овој настан се одржува во склоп на второто издание на деновите на медиумската писменост кое започна на 26 октомври и ќе трае до 2 ноември.
„Повеќе членки на мрежата за медиуската писменост го здружија своето знаење, искуство и капацитети за да организираат серија настани со кои ќе придонесат кон зајакнување на дебатата за различните аспекти на медиумската писменост во македонското општество. Меѓу организациите се: Македонскиот инстут за медиуми, Институтот за новинарски и комуникациски студии, Фондацијата Метаморфозис и Евротинк со нивниот заеднички проект КриТинк, Радио МОФ, Советот за етика во медиумите на Македонија, Македонската радио телевизија и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги“, рече Трајчевски.
Имено, мотото на овогодинешното издание е „Секоја вест на тест“, а настаните се реализираат во Скопје, Липково, Кавадарци и Виница. „Тие може да се следат од секаде бидејќи се одвиваат онлајн поради пандемијата со ковид-19, а воедно и на тој начин се достапни до поширока публика“, рече Трајчевски, повикувајќи ги сите граѓани активно да се вклучат во настаните посветени на медиумската писменост.
На дебатата се приклучија и наставници кои посочија дека е неопходна обука за целиот наставен кадар бидејќи иако постои квалитетно јадро од наставници кои ги препознаваат лажните вести, поттикнуваат критичко размислување кај учениците, знаат да разликуваат факт, вест и мислење, сепак останатите не секогаш самоиницијативно ја вклучуваат медиумската писменост во својот предмет.
Присустните на настанот и оние што дискутираа се согласни дека неопходно е да се оформи кадар што ќе биде преносител на знаењето за медиумска писменост, особено во ерата на епидемијата на дезинформации. Водејќи се од иницијативата формирање и обучување ваков кадар, на тој начин ќе се придонесе и кон создавање на нови млади медиумски писмени генерации.