Од 17 ноември, па сè до 24 ноември во Скопје се одржуваат Деновите на медиумска писменост. Во нивни рамки се одржуваат конференции и работилници посветени на медиумската писменост, препознавањето на манипулациите со информации, справување со дезинформации и други теми од интерес за денешниот дигитален свет. На денешната Конференција за медиумска писменост ЕУ – Западен Балкан, која се одржа во хотелот Холидеј Ин во Скопјe, беше кажано дека со манипулациите со информации може да се справиме само преку зајакнување на колективната заштита, па токму поради тоа во овој контекст е и усвојувањето на Европскиот штит за демократија, пишува Порталб.мк.
Конференцијата се фокусира на неколку теми, вклучувајќи ги платформите на социјалните медиуми како дел од проблемот и решението за манипулации и дезинформации; родовите дезинформации и дигиталната омраза; важноста на институционалниот одговор на заканите од манипулации и дезинформации; вештачката интелигенција преку чет-ботовите; суверенитетот, градењето на капацитет за вистина; идните генерации и платформите; навигацијата низ ризиците и можностите.
Амбасадорот на ЕУ, Михалис Рокас, изјави дека во време на големи промени, медиумската писменост е од суштинско значење за зајакнување на колективната заштита.
„Нашата мисија е да ја зајакнеме медиумската писменост, медиумскиот интегритет во Западен Балкан. Како што знаете, со вештачката интелигенција сведоци сме на брзи промени во социјалните медиуми, па затоа е од суштинско значење да ја зајакнеме нашата колективна одбрана од дезинформациите. Во овој контекст медиумската писменост не е само алатка за едукација, туку е и ПР на граѓанското и демократското учество. Ова е и причината зошто ЕУ на 12 ноември го усвои Штитот за демократија. Медиумската писменост е една од најсилните алатки што ги имаме за да ги заштитиме општествата. Кога луѓето можат да препознаат лажна содржина, да ги преиспитаат содржините кои ги сретнуваат на интернет и да бараат доверливи информации, тие стануваат активни чувари на демократијата. Ова, меѓу другото, е и една од причините зад „Европскиот штит за демократија“, иницијатива на ЕУ која ја зајакнува нашата заедничка подготвеност да се спротивставиме на манипулативни информации и да изградиме колективна отпорност”, рече Рокас.
Данче Даниловска-Бајдевска, програмски директор во Фондацијата Метаморфозис рече дека само преку еден сеопфатен напор можеме да се спротивставиме на денешните трендови на манипулација со информации, во чиј центар е Западниот Балкан.
„Платформите на социјалните медиуми денес имаат единствено влијание врз начинот на кој луѓето пристапуваат до информации, формираат мислења и се вклучуваат во јавната сфера. Но, ова влијание доаѓа со сериозни ризици. Денес, како што дигиталната безбедност го менува обликот на дискусиите, пристапот до информации и демократското учество, се соочуваме со фундаментален предизвик. Платформите на социјалните медиуми станаа многу важни инструменти и главни вектори за манипулација со информации, вклучително и манипулации со информации од странство. Западен Балкан е во центарот на овие трендови и само сеопфатни заеднички напори засновани на пристап од целото општество можат да се спротивстават на овие негативни трендови“, рече Даниловска.
Директорот на Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги (АВМУ), Зоран Трајчевски, истакна дека оваа година под мотото: „Ти знаеш, друг не знае. Твојот коментар може да помогне“ се фокусираме на критичкото мислење и на личната одговорност во дигиталниот простор. „Затоа што денес, повеќе од кога било, не е доволно само да препознаеме дезинформација, потребно е да реагираме, да споделиме знаење, да бидеме активни граѓани“, рече тој.
Конференцијата е носечки регионален настан на Европската служба за надворешно дејствување во областа на медиумската писменост, а оваа година конференцијата во Скопје го означува и почетокот на Деновите на медиумска писменост.
Деновите на медиумската писменост 2025 се одржуваат по седми пат. Членовите на мрежата и нивните поддржувачи организираат повеќе од дваесет настани на различни локации низ целата земја, а некои настани ќе се одржат и преку интернет. На овој начин, нашата земја се приклучува кон Глобалната недела на медиумската и информатичката комуникација на УНЕСКО.
За потребите на Деновите за медиумска писменост 2025 изработени се видео и аудио спот на македонски, албански и англиски јазик. Спотовите веќе се емитуваат на медиумите со цел поголем број граѓани да се информираат за настаните за медиумска писменост. Оваа година спотовите за Деновите на медиумска писменост ќе се постават и на неколку локации на видеобимови во градот Скопје.
На Деновите на медиумска писменост им претходеше Балканскиот медиумски камион (Balkan News Truck), мобилна платформа која ги истражува вестите, сликите и критичкото мислење. На секоја станица камионот беше поставен во централните јавни простори, нудејќи проекции, квизови и јавни дискусии за тоа како се создаваат, дистрибуираат и доживуваат информациите. Настанот беше можност граѓаните да се соберат, да разменуваат идеи и да ги видат вестите од една поинаква перспектива – сè со цел да се промовира критичкото мислење, медиумската писменост и отворениот дијалог за улогата и влијанието на информациите во секојдневниот живот.
Извор: Порталб.мк



