Ново истражување од Државниот Универзитет на Ајова покажува дека насилството во медиумите е поврзано со агресивното однесување, како и дека нема голема разлика меѓу различните култури.
Истражувачите откриле дека големата изложеност на насилните медиуми е поврзана со „зголемено агресивно размислување и намалена емпатија“, а ефектот на насилството во медиумите е поголем од оној кај другите ризик фактори, освен деликвентноста, кои ги прават луѓето агресивни.
Освен мерење на насилството во медиумите, истражувачите опфатиле пет други ризик фактори: криминал во соседството, деликвенција, виктимизација, родово насилство и насилство врз децата.
Истражувачите ги проучувале нивоата на агресивно однесување и емпатија во повеќе од 2000 тинејџери и помлади возрасни во Австралија, Кина, Хрватска, Германија, Јапонија, Романија и САД.
Од учесниците било побарано да ги набројат најчесто гледаните телевизиски серии, филмови и видео игри, како и да го оценат насилството во нив.
Крег Андерсон, професор по психологија на Државниот Универзитет во Ајова, кој го водел истражувањето, вели: „Ова се силни докази дека основните психолошки процеси кои предизвикуваат повторливо насилство во медиумите и изложеност на него, кои одат до зголемена агресивност, се истите низ различни култури, барем во мирни времиња.
Сепак, веруваме дека локалните културолошки и социјални услови можат да влијаат на ваквите процеси, кога тие услови се поекстремни“.
Деликвенцијата била најризичен фактор во создавањето на понасилна личност (28 проценти), насилството во медиумите е на второ место (23 проценти), виктимизацијата е на трето (17 проценти), потоа е родовото насилство (12 проценти), криминалот во соседствата (11 проценти) и насилното родителство (9 проценти).
Даглас Џентил, ко-автор на истражувањето и професор на психологија, вели: „Откритијата покажуваат дека насилството во медиумите е слично на други познати ризик фактори за агресија. Тоа не значи дека е потребно особено внимание во насилството во медиумите, но треба да се смета сериозно како и другите ризични фактори, како растењето во нефункционално семејство“.