Медиумите бараат нулта толеранција кон нападите на новинарите

„Денес е добра прилика да ги потсетиме граѓаните за ограничувањата на слободата на печатот. Треба да знаат дека новинарите се казнуваат и се напаѓаат за да бидат замолчени, а вистината да биде сокриена од јавноста. Треба одлучно да застанеме во одбрана на независните медиуми ако сакаме да се заштитиме од секој вид на пропаганда“, истакна претседателот на ЗНМ, Насер Селмани.

Тој зборуваше на настанот на ЗНМ по повод Меѓународниот ден на слободата на печатот, одржан во ЕУ Инфо центар. Потенцираше дека дека се ретки професиите како новинарската, каде цената за добро завршена работа понекогаш се плаќа и со живот.

Побара да нема никаква толеранција за нападите, заканите и притисоците кон новинарите. Истовремено, институциите да ја гарантираат нивната безбедност.

Околу нападите, смета дека имаме „чудно искуство“. Новите напади полицијата и обвинителството ги процесуираат коректно, меѓутоа, вели тој, проблем се случува со старите случаи.

„Она што и самиот министер за внатрешни работи го признава, е дека старите напади не можат да бидат истражени и тоа поради многу чудни причини. Прво, министерот вика дека доказите се уништени. Ако доказите се уништени, тогаш тоа е кривично дело. Луѓето што ги чувале доказите треба да одговараат. Втората појава е чудната солидарност меѓу припадниците на полицијата. Веројатно тоа е некое наследство од минатото… Ова не е објаснување. Полицијата мора да најде начин да ги расветли случаите“, потенцираше Селмани.

Новинарот и колумнист Сашо Ордановски потврди дека е предмет на истрага, која трае неколку години. И не е единствен. Смета дека можеби нешто е „турнато под тепих“.

„Може ли да очекуваме во некоја догледна иднина, владата да излезе со таксативни одговори на сите напади на новинар во иминатите години? Ако тие работи не се расчистат, сите ќе има право да мисли дека тоа ќе врви неказнето“, рече Ордановски.

Министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски, одговори дека во изминатите години имало 30 такви случаи. Како првична информација е дека десет се веќе расветлени, а пет се кај обвинителството.

Oд аспект на примањата и платите на медиумските работници, потврдува дека сотојбата дека не е добра.

„Меѓутоа, немам магично стапче. Ќе направиме се’ што можеме и ќе се посветиме. Потребен е колективен договор. Има претставници на новинарите, треба да бидат присутни, за да се договараат формите и начините. Да се повикаат сопствениците на медиумите да бидат дел од тој дијалог. Невозможно е владата да диктира плати. Но, немојте да заборавите дека немаат проблем само новинарите и медиумските работници. Граѓаните на РМ живеат во лоши услови, затоа се тие заложби дека просечната плата треба да отиде до 500 евра на крајот на мандатот“, рече тој.

На настанот, дел од присутните реагираа на заедничкото одбележување на 3 мај со претставници на владата, ЕУ и САД.

Ејдин Хајдерпашиќ од 24Вести, рече дека е лицемерно на ден на слободата на печатот да зборуваме за права и даваме свечени изјави, кога медиумите се во дупка во Македонија.

„Дали новинарите заслужуваат човечки примања и капитал? Луѓето се исплашени, колеги не примаат плата, немат договори, а зборуваме за слобода на печат? Со која плата, со кои услови?“, праша Хајдерпашиќ.

На ова, Селмани кратко одговори дека му е жал што колегата не понудил решение.

Во дискусијата се вклучи и претседателката на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, Тамара Чаусидис. Според неа, не може да зборуваме за промена на медиумската содржина и атмосфера, додека фокусот не го ставиме на прашањето за економскиот и социјалниот статус на новинарите.

„Новинарите се нископлатени. Вработени се на месец, три месеци, шест месеци. Ја немаат слободата да им се спротистават на уредниците и менаџерите, бидејќи, едноставно, ќе бидат отпуштени, казнети или прекомандувани на друга позиција. Таа е реалноста. Многу мал е одзивот на новинарите во синдикат. Не сакаат да се замерат со сопствениците, не сакаат да им е незгодно, имаме тајни членови… Имаме ситуација каде во национална телевизија, на огласна табла е извадено соопштение дека договорите на неопределено ќе се транформираат на определено. Тоа не е по закон, но среќа во телевизијата има синдикат и има начин да го адресираме и спречиме проблемот. Да повикаме трудова инспекција и сл. И да ја повлечат одлуката“, нагласи Чаусидис.

За неа, одговорноста е на владата. Убаво е што министерот вели дека се за колективно преговарање и дијалог, но, смета дека мора да го сменат Законот за работни односи, кој им дава на компаниите пет години да ги држат на определено време.

„Имаат начин и тоа да го продолжат. Мора да се смени законот, тоа ќе се одрази и на медиумската ситуација. Ова мора да биде приоритетно прашање, не само за претставниците на цивилниот сектор и амбасадите, туку меѓу нас. Колку сме ние активни. Тоа самите треба да си ги одговориме“, констатираше Чаусидис.

На настанот се покрена прашањето и за финансирањето на МРТВ. Селмани од ЗНМ критикуваше дека предложените законски решенија (0,7% од Буџетот за првата година, а ставката во следните четири години да порасне до 1%) не обезбедуваат финансиска независност на МРТ.

„Нема гаранција дека јавниот сервис со помалку пари може да произведе поквалитетна програма, во интерес на граѓаните. Транспарентноста на владата е подобрена, но новите практики не ги применуваат сите министри. Има примери каде владини функционери ги бојкотираат критичните медиуми“, нагласи Селмани.

Лукаш Холуб од делегацијата на Европската Унија, пак, спомена дека извештајот од 2018 години стои подобрена климата кај медиумите. Новинарите се поспремни да критикуваат несоодветно однесување на државни функцинери како и нивна цензура.

„Извештајот во секој случај ги нагласува и предизвиците, да нема толеранција кон физичко и вербално насилство, никакви закани кон новинарите. Тоа да биде ставено во практика со законски норми и посредство на судството. Самите новинари треба да бидат почитувани, објективни, да не се приклонуваат кон одредени политички структури и да бидат отчетни во она што го пишуваат. Требаат насоки кон саморегулација на овој процес. Има потреба за продлабочување на реформите, а во насока на промена на однесувањето во општеството“, рече Холуб.

Бојан Шашевски