„Медена земја“, „Врба“, „Петрунија“ меѓу бесплатните проекции на „Златна рамка“ во МКЦ

Викендов, од 14 до 16 февруари, во Младинскиот културен центар – Скопје ќе се одржува „Златна рамка“, годишна ревија на македонските филмови. Во програмата се и дел од најголемите македонски филмски остварувања од изминатава година како „Медена земја“, „Врба“ и „Господ постои, нејзиното име е Петрунија“.

Ова е второ издание на филмската ревија, а ќе бидат прикажани 22 филма во три програмски целини (долгометражни, краткометражни и документарни филмови).

Иницијатор и организатор на „Златна рамка“ е Друштвото на филмските работници, во соработка со Агенцијата за филм и Младинскиот културен центар. Целта на „Златна рамка“ е домашната публика да добие можност да ги погледне новите остварувања во македонската кинематографија, а филмските професионалци да разменат мислења и искуства за нивната работа.

Целосната програма на „Златна рамка“ може да ја најдете на следниов ЛИНК.