„Медена земја“ најдобар документарец на Труди наградите за независен филм

Македонскиот документарец „Медена земја“ беше прогласен за најдобар документарец на Труди наградите кои се доделија по 26-ти пат од членовите на Клотрудис организацијата за независен филм.

Покрај наградата, снимателите Самир Љума и Фејми Даут беа номинирани и во категоријата за најдобра кинематографија, а Атанас Георгиев за најдобра монтажа.

Церемонијата, која требаше да се одржи на 22 март во американскиот град Бостон, беше откажана поради пандемијата со Ковид-19 коронавирусот.

Инаку на овогодишните Труди награди, наградата за најдобар филм заврши кај корејскиот „Паразит“, а филмот собра уште четири други награди. Дополнително по три награди освоија и исландските филмови „Жени во војна“ и „И диши нормално“.

Вкупно 11 од 16-те категории се доделени на филмаџии надвор од САД.

Според пропозициите, за да се квалификуваат за Труди наградите филмовите не смеат да бидат прикажани во повеќе од илјада кино-сали во САД во првите четири недели од објавата. Добитниците добиваат награда во вид на мачка на стапче.

Клотрудис организацијата за независен филм е непрофитна група со седиште во Бостон која се залага за едукација на граѓаните за активно гледање на филмовите, охрабрува дискусија и доживување на светот преку независниот филм.