Македонскиот документарен филм „Медена земја“ денеска се закити со две нови признанија – овој пат од Њујорк.
Едното признание дојде од Друштвото на њујоршки филмски критичари, според кои документарецот во режија на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов е најдобар за 2019. Исто така, и престижниот весник „Њујорк Тајмс“ го стави на врвот на листата на најдобри филмови годинава.
„Замислен како владино-спонзорирано информативно видео, овој документарец не е ништо помалку од еп, алегорија за животната средина во реалноста, и не помалку, жестока комедија за вечниот проблем сo незгодните соседи“, стои во описот за документарецот.
На листата, составена од реномираниот критичар А. О. Скот се најдоа и „Ирецот“ на Мартин Скорсезе, „Беше еднаш во Холивуд“ на Квентин Тарантино и корејскиот „Паразит“ на Бонг Јон-хо.
Доделувањето на наградата од Друштвото на њујоршки филмски критичари, пак, ќе се одржи на 85-та церемонија, на 7 јануари.
И овде меѓу останатите добитници се најде „Ирецот“ на Скорсезе, кој доби награда за најдобар филм и за најдобар спореден глумец за Џо Пеши. Наградата за најдобра режија, пак, ја добија браќата Бени и Jош Сафди за „Несечени камења“ („Uncut Gems“).
Антонио Бандерас ја освои наградата за најдобар актер за улогата во „Болка и слава“ на Педро Алмодовар, а за најдобра актерка е прогласена Лупита Нјонго за актерската игра во „Нас“.