„Медена земја“ без Оскар, но со лекција која светот допрва ќе ја учи

Документарниот филм „Медена земја“ беше кандидат за Оскар во две категории – за „Најдобар документарен филм“ и за „Најдобар странски филм“.

На 92-та оскарска церемонија, „Медена земја“ не освои ниту еден од Оскарите и покрај многубројните позитивни критики кои ги доби во Холивуд.

Пофалбите за „Медена земја“ зуеја низ етаблираните весници како „Гардијан“, „Њујоркер“, „Њујорк Тајмс“, „Ролинг Стоун“ и „Венити фер“, откако „Медена земја“ освои три награди на филмскиот фестивал „Санденс“. „Медена земја“ не освои Оскар, но на светот му остави лекција која допрво треба да се научи.

Само неколку часа пред да започне овогодинешното издание на „Оскарите“, „Би-би-си“ објави текст со наслов „Оскари 2020: Животни лекции од последната пчеларка на диви пчели во Европа“, потенцирајки ја еколошката, а воедно и животна порака на филмот „Пола за мене, пола за нив“.

Реномираниот британски медиум „Гардијан“ го посочи „Медена земја“ како победник во категоријата „Најдобар документарен филм“ во своите предвидувања за овогодинешните „Оскари“. Предвидувањата на Гардијан не се исполнија, но успехот „Медена земја“ е неоспорлив.

Документарецот го следи животот на Атиџе, последната пчеларка на диви пчели во Европа, која треба да ги спаси пчелите и да го врати природниот баланс во Медената земја, откако фамилија на номадски пчелари се населуваат блиску до неа и стануваат закана за околината.