МЕД по мониторингот на змии на островот Голем Град: Намалена е популацијата на рибарки, најверојатно поради рибарските мрежи

Голем Град е мал, но исклучително значаен остров во Преспанското Езеро, познат по својата богата и уникатна биолошка разновидност, но и милениумските археолошки остатоци од некогашното човеково живеење. Денес, речиси еден век по неговиот последен човечки жител, островот е „град“ на голем број растенија, инсекти, птици и секако – влекачи, велат од Македонското еколошко друштво (МЕД).

Токму поради значителната бројност и концентрацијата на змијата рибарка (Natrix tessellata), потсетуваат од МЕД, островот во јавноста е популарно познат и како „Змиски остров“, предизвикувајќи ја љубопитноста на научната херпетолошка јавност веќе со децении. Дополнително, на островот се среќава и помалубројниот и таинствен поскок (Vipera ammodytes).

„Сепак, забележливо за експертите и за локалното население е дека бројот на змии е значително опаднат во споредба со минатото“, нагласуваат од МЕД.

Со цел проценка на состојбата со големградските змиски популации и уделот што тие го имаат во кревкиот еколошки баланс на островот, стручни лица од Македонското еколошко друштво заедно со нивни колеги од Биолошкиот факултет во Белград (Србија) и Центарот за биолошки истражувања во Шизе (Франција) го спровеле редовниот теренски мониторинг на змии и други влекачи.

„Користејќи неинвазивни методи на фаќање и бележење на единките, тие собраа вредни податоци за состојбата со видовите, нивната бројност, однесувањето и разни други еколошки параметри“, посочуваат од МЕД.

Согласно првичните сознанија, истакнуваат дека за разлика од почетоците на истражувањата во доцните 2000-ти и рани 2010-ти години кога популацијата на рибарките се проценувала на близу 25.000 возрасни единки, денес бројките на рибарката се значително намалени на нешто повеќе од 5.000.

„Овој пад најверојатно се должи на рибарските мрежи во кои тие лесно се дават, а за жал редовно се поставуваат околу островот. Новиот план за управување за Преспанското Езеро исцртува зона за строга заштита во водите околу Голем Град, односно истото зонирање што го има самиот остров во рамките на националниот парк Галичица. Се надеваме дека наскоро ќе може да се спроведува редовна контрола на активностите кои се дефинирани како забранети во овој дел од езерото“, забележуваат од МЕД.

Сепак, дополнуваат тие, во последните три години, на терен популациите на рибарки изгледаат навидум подобрени – останува анализите да го потврдат ова со продолжување на континуираниот мониторинг.

„Претпоставуваме дека ова делумно се должи на подобрената контрола на риболовот во соседна Албанија, но по она што го забележуваме на терен, исто така и на преминот од лов на преспанска белвица со мрежи со ситни окца кон поизразен лов на крап околу островот со покрупни мрежи кои рибарките може да ги избегнат“, истакнуваат од таму.

За разлика од рибарките, поскокот кој води таинствен живот во внатрешноста на островот не бележи намалување. Според МЕД, неговите популации се стабилни со стандардна варијација на популацијата на возрасни единки помеѓу 200 и 300 единки во последните 19 години.

„Сепак, мора да се нагласи, дека ова се само прелиминарни согледувања од оваа година, а деталните кабинетски анализи на собраните податоци допрва ќе следуваат по крајот на теренската сезона. Ваквата активност е клучна за развојот на ефективни стратегии за заштита, за продлабочување на разбирањето на еколошката рамнотежа на Голем Град и за подигнување на јавната свест за важната улога што змиите ја играат во целокупниот екосистем“, стои во соопштението.

Активностите се дел од „Проект ПреспаНЕТ III – зачувување на биолошката разновидност на прекугранична Преспа“, поддржан од Prespa Ohrid Nature Trust (PONT), Фондацијата Aage V. Jensen и EuroNatur.

Фото: МЕД