Нашиот удобен живот на планетата е ставен на ризик. Само здравата природа е решение. Бараме од Обединетите Нации да го признаат правото на здрава природна средина за универзално човеково право! Дали ќе ни се придружите?, соопштуваат од Македонското еколошко друштво (МЕД), кое повторно ја актуелизира оваа проблематика.
Од МЕД потенцираат дека секој може да се потпише на петицијата „Живот на здрава планета треба да биде човеково право“.
„Над еден милион видови животни се под ризик од исчезнување. Климатските промени предизвикуваат загревање како никогаш досега. А ние сме во жижата на смртоносна пандемија. Сево ова произлегува од уништувањето на природата. Нашата планета се бори за живот. Научните ставови се јасни: безумното експлоатирање на природата е коренот на сите глобални кризи и тоа е закана за нашиот опстанок и за опстанокот на многу видови животни“, стои меѓу другото во петицијата.
Исто така, стои дека ова ново човеково право е неодложно, амбициозно и изводливо. Всушност, велат активистите, правото на здрава природна средина е уставно право кај нас, но и во над 100 други држави.
„Но тоа не е доволно, сите ние делиме една планета, еден природен свет и навистина ни е потребно едно глобално човеково право. Универзалните права го зајакнуваат локалниот активизам и спроведувањето на законот. Од воздухот што го дишеме, водата што ја пиеме, сè до земјата во која ја растеме нашата храна – животната средина ни влијае на здравјето. Време е да увидиме дека правото на здрава природна средина е суштинско за нашиот опстанок. Ова право ќе ја стави Земјата на пат кон глобално зелено заздравување. Ова е првиот чекор со кој си го менуваме односот кон природата. Само на планета на која природата и луѓето живеат во хармонија можеме да спречиме идни пандемии и успешно да ги разрешиме предизвиците на климатските промени и загубата на биолошката разновидност“, стои во петицијата.
Како дел од глобална коалиција, ги повикуваат Обединетите Нациии да гласаат за вклучување на правото за здрава природна средина во Советот за човекови права на ОН, во Генералното собрание на ОН и како итна тема да се гласа на Самитот за биолошка разновидност на ОН во средината на септември 2020 година.
Исто така, конечно да се вклучи правото на здрава природна средина во Универзалната декларација на човекови права.