МЕД: Eвропските држави немаат доволно механизми за хибридизацијата меѓу волкот и кучето

Според најново истражување, многу европски земји не се придржуваат до меѓународните договори кога станува збор за справување со хибридизацијата помеѓу волкот и кучето, која зема замав во Европа, соопштуваат од Македонското еколошко друштво (МЕД), учесник во истражувањето.

Биолошки гледано, волкот и кучето се еден ист вид, па при нарушени еколошки услови овие животни можат да се спарат и да продуцираат фертилно хибридно потомство.

„При зголемени интензитет и зачестеност, хибридизацијата може да го доведе во прашање генетскиот идентитет на популацијата на волкот, а со тоа да влијае на нивното однесување, екологијата и нивната конзервациска вредност“, вели професорот Паоло Киучи од универзитетот „Сапиенца“ во Рим, пренесува МЕД.

Благодарение на постојаните конзервациски напори, како законска заштита и управување со живеалиштата (но не и реинтродукција), волците во последните децении постепено го прошируваат својот ареал низ Европа. Така, оваа експанзија „сѐ повеќе ги доведува волците во предели каде се одгледуваат земјоделски култури, при што расте можноста за средба со кучиња, а со тоа и за хибридизација. Криволовот и ловството исто така ја нарушуваат социјалната структура на глутниците волци, со што се овозможуваат зачестени блиски средби помеѓу волците и кучињата“, вели Киучи.

Ова социјално истражување кое е водено од д-р Валерија Салватори од Институтот за апликативна екологија од Рим, вклучува претставници од Европската иницијатива за крупни месојади (www.lcie.org), група која е дел од Комисијата за опстанок на видовите при Меѓународната унија за зачувување на природата.

„Целта беше да се истражи присуството на хибриди помеѓу волк и куче низ целиот континент, и да се процени во која мера националните влади постапуваат во согласност со двата најважни инструменти за заштита на природата од европското законодавство: Бернската конвенција и Директивата за живеалишта на ЕУ. Според нашите наоди, хибридизација помеѓу волк и куче е утврдена во многу држави, од Португалија до Романија, од Норвешка до Грција, иако во различни размери кај различни популации“ додава Салватори.

Според соопштението на МЕД, истражувањето открива дека повеќето европски држави со стабилни популации на волк немаат законодавство за ефективно и навремено справување со хибридизацијата, па обично не спроведуваат мерки за ублажување на последиците, бидејќи нема меѓународни договори и стандарди што ја дефинираат хибридизацијата и што упатуваат на општествено прифатлив начин за справување со неа.

Во меѓувреме, хибриди се утврдени кај сите популации на волк низ Европа, а експертите стравуваат дека овој проблем зема замав. Сепак, досега се забележани релативно малку хибридни единки, а д-р Салватори нагласува дека „сѐ уште постои можност ефикасно да се справиме со овој проблем доколку делуваме брзо на ниво на целиот континент“.

Истражувањето произлегува од заедничка соработка на 37 експерти од 34 различни академски и научни институции и управувачки тела во Европа. Според заклучоците, потребно е во европските и националните закони итно да се вметнат јасни и практични насоки за справување со хибриди на волк и куче и со бездомни кучиња, како и насоки за соодветна превенција, следејќи пристапи за управување за кои е утврдено дека се ефикасни во третирањето на слични прашања поврзани со хибридизацијата помеѓу диви каниди во Северна Америка. Најважно од се’, сметаат истражувачите, е законодавците и функционерите да не започнат хибридите на волк и куче да ги сметаат за незаштитен дивеч.

„Со ова би се создал правен вакуум, со што лица што се противат на волкот може намерно да стрелаат чистокрвен волк тврдејќи дека се работи за хибрид“, вели Салватори.

Истражувањето е достапно за симнување на следниов линк.

Инаку, Радио МОФ  неодамна објави истражување за Балканскиот рис, а МЕД како една од опасностите за овој критично загрозен вид ги вброи и дивите кучиња. Распространети се по дивината, во руралните средини, надвор од урбаните јадра. Го убиваат пленот на рисот и влијаат врз цел екосистем.

„Се исхрануваат и со остатоци од пленот на самиот рис, па рисот е приморан пак да лови нов плен, што во многу случаи се покажува тешко. Прво, затоа што го нема во таа густина како што би сакале да го има, а второ, доколку тоа и се случи на женка со млади, која се обидува да стигнат до полова зрелост, значи дека тие ќе бидат многу поподложни на болести, бидејќи ќе бидат неухранети. Како што кажува литературата, околу 50 отсто од младите на рисот доспеваат до полова зрелост“, истакна Диме Меловски од МЕД.

„Недопирливите“ убијци на балканскиот рис