Мечето Теди од тесниот кафез во ЗОО Штип ќе замине на ресоцијализација во Германија

Тригодишното мече Теди кое живее во несоодветни услови во Зоолошката градина во Штип наскоро ќе биде прегледано од странски ветеринар по што ќе замине на ресоцијализација во резерват во Германија.

Оваа одлука на својот Фејсбук профил ја објави портпаролката на Скопската зоолошка градина, Тина Мицковска, која веќе неколку месеци преземаше активности мечето да добие соодветна помош.

„Ова нека биде последна тажна слика од мечето Теди. По неколкумесечната битка со ветерници, конечно ми е одобрено, „4 Paws“ и фондацијата на Брижит Бардо да го земат во резерват кој се простира на 150.000 м2 и каде што има и други мечиња како него кои се на ресоцијализација и добиле шанса за подобар живот. За околу 10 дена, Теди доаѓа да го прегледа еден од најдобрите светски ветеринари за диви животни од Германија, а потоа забрзано ги подготвуваме документите и транспортот“, сподели Мицковска на Фејсбук.

ФОТО: Тина Мицковска / Фејсбук

Мечето Теди последниве години беше сместено во несоодветно мал кафез и живееше во многу лоши услови во штипската зоолошка градина.