Мажи одат во продавница за играчки за да си играат

Жените сонуваат цела ноќ да можат да ја поминат во продавница за облека, а мажите во продавница за играчки. Ханјц Леман, сопственик на таква продавница во Хановер, овозможи реализација на сонот на мажите, објави Дојче веле.

Фото: Дојче веле

Таму од 20 часот ним им е дозволено да се изнаиграат како деца, но сето „на машки начин“, придружено со пиво и переци. Хеликоптери со далечинско управување, билијард, дарт, фудбал на маса… Тоа се само неколку дисциплини во кои овие мажи се натпреваруваат меѓу себе во продавницата за играчки.

„Играш против повеќемина и мораш да се докажеш“. „Не бива кога момците ќе го победат шефот!“ „Супер е, прекрасно“. „Напорно е, ми треба пиво“. „Би морал да имам повеќе синови од ќерки, тоа би било подобро за играта“, се шегуваат мажите додека си играат во продавницата.

Во 20 часот, кога продавницата затвора, доаѓаат мажите. Таа вечер, кога Дојче веле беше во продавницата со играчки, се пријавија една стрелачка дружина и група пожарникари, или севкупно повеќе од 50 мажи. За вечерта одговорен е Хајнц Леман. Тој е првиот што организира вакви забави и за таквиот концепт ја доби Германската награда за иновации, што ја доделува Бундестагот.

„Еднаш ми пријде постар господин, и ми рече дека посакува да биде овде затворен. Си реков, в ред, може да го направиме тоа“, вели Леман. Веќе 4 години овде доаѓаат мажи да си играат. Продавницата е резервирана речиси целата недела.

„Овде одеднаш ќе доживееш среќни мажи, многу бргу се опуштаат. Доаѓаат и немаат поим што ги чека. И тогаш се случува нешто кај нас мажите, што не може да се сфати“, објаснува трговецот со играчки и организатор на забави за мажи.
Правило е мажите да се распоредуваат во групи по четворица и возат, играaт фудбал на маса, управуваат – сѐ за облог. Секој плаќа по 30 евра за учество. Натпреварите се одвиваат на 11 борилишта.

Фото: Дојче веле

„До израз доаѓа исконското во мажот – амбицијата да го победиш противникот, да бидеш победник, најдобар. Такви се мажите“. „Како мало момче гледаш во регалите и не знаеш што сакаш да земеш од нив, или што да добиеш за Божиќ. Како возрасни момчиња можеме овде сѐ да си дозволиме“, објаснуваат дел од мажите во продавницата за играчки.

Мажи и играчки – тоа веќе не е контрадикција. За производителите на играчки возрасните мажи сѐ повеќе се целна група. Посебна улога во пласманот игра интернетот. Марката на играчки „Карера“ воведе посебна рубрика за мажи. Данската фирма „Лего“ пред три години ја востанови линијата „Лего-мен“ – Лего за мажи. А, моделите на возови на „Мерклин“ и онака отсекогаш повеќе беа играчки за возрасни.

„Продажбата преку интернет достигна удел од 30 проценти, тоа е проблем за трговците со продавници за играчки. И ние го чувствуваме тоа и затоа сме задоволни со овие дополнителни приходи и дека овде се собираат по повеќе од 60 мажи и си поминуваме ваква убава вечер“, вели Леман.

Игрите траат околу 4 часа. За закрепнување има топли переци и пиво. Спроти полноќ познат е победникот – еден адвокат. Тој покажа вистински натпреварувачки квалитети. Како награда и за сеќавање на една успешна вечер, тој доби автомобил – играчка, се разбира. И Ханјц Леман е задоволен. Неговите машки забави со играчки добија култен статус во Хановер и во меѓувреме ги копираат на многу места во Германија.