Матурски испити – матурантите го полагаа првиот испит по мајчин јазик

Процесот на полагање државна матура започна утрово и се одвива според предвиденото, без какви било пречки или застој во целата држава, информираа од Министерството за образование и од Државниот испитен центар. Денеска матурантите го полагаа првиот матурски испит по мајчин јазик.

Матурантите на матурски испит, полагаат мајчин јазик

„Испитот по мајчин јазик што денеска се полага трае 240 минути. Секој ученик има право во овие минути да го решава тестот. Тестот се состои во пишување есеј, кој треба да изнесува од 300 до 500 зборови. Есејот е на тема од материјалот што се учи или имаат можност да пишуваат на тема која е слободно зададена, имаат прашања повеќечлен избор и прашање со надополнување. Другите испити имаат различна минутажа. Значи, само мајчините јазици македонски, албански и турски се полагаат во 240 минути. Предметите математика на основно и напредно ниво, како и странските јазици англиски, француски, германски и руски, естетика и филозофија се полагаат со 180 минути, а останатите предмети кои оваа година како новитет се предизборен предмет се полагаат по 2,5 часа“, појасни претседателката на Државниот матурски одбор Весна Хорватовиќ која беше во посета на СУГС „Раде Јовчевски Корчагин“ во Скопје.

Заменик-министерот за образование и наука, Сафет Незири пак ги посети на кумановската гимназија „Сами Фрашери” и Средното општинско училиште „Наце Буѓони”, каде што наставата се одвива на албански наставен јазик. Тој информираше дека за процесот на полагање на државната матура одредени се 2.000 тестатори, 500 оценувачи, 24 локални координатори, 200 овластени набљудувачи,за кои што нагласи, имаат право директно да влезат во просториите и да ја проверуваат состојбата.

Според заменик-министерот за образование и наука, оваа година регистриран е зголемен број на ученици кои пријавиле да полагаат бизнис.

„Интересен е фактот што за разлика од минатата година, на основно и напредно ниво по матаматика има зголелемн број на ученици, не зборуваме за поедини училишта, туку за национално ниво. Исто такам, 5.180 ученици го пријавиле прв пат предметот бизнис, што значи дека има заинтересираност кај учениците за бизнис, да се запишат на тие факултети. Исто така, интересен е фактот што оние ученици кои пријавиле математика однапред имаме сознанија дека тие имаат можност да се пријават или да се запишат на техничките или природно-математичките факултети“, вели Незири.

Оваа година, нагласи заменик-министерот прв пат се полага три плус еден, односно три екстерни и еден интерен предмет што го одредува самото училиште. На 11 јуни матурантите ќе полагаат англиски, француски, германски или руски јазик, на 13 јуни математика, естетика и филозофија, а на 16 јуни испитите по хемија, физика, биологија, историја и бизнис.

Интерните испити ќе се полагаат во термини утврдени од училишната матурска комисија на предлог на соодветните предметни комисии и тоа во период од 16 до 30 јуни во јунски испитен рок и од 18 до 23 август во августовски испитен рок.