Матурантите жалат поради пропуштената матурска вечер и предвременото разделување

Затворањето на училиштата на почетокот на март, поради појавата на новиот коронавирус, силно ги погоди матурантите. Полагањето државна матура беше откажано за оваа генерација ученици, но станува јасно дека тие немаа да ги имаат ниту матурската прослави кои многумина ги чекаа. Радио МОФ разговараше со неколку матуранти за тоа дали жалат што нема да имаат матурска прослава и колку ги погоди разделувањето со соучениците.

Ова се нивните одговори:

Мила Здравковска, СУГСГ „Орце Николов“

Фактот дека на никаков начин нема да се одбележи крајот на нашата последна година во средно сѐ уште не ми изгледа реален. Матурската прослава е потребен дел во нашата транзиција во “факултетлии” и во моментов не можеме да почувствуваме колку важен момент всушност пропуштаме. Секако би можеле да направиме некоја приватна забава со најблиските или пак заедно со нашиот клас или другите класови кога состојбата ќе се подобри, но тоа секако нема да биде исто. Не добивме да ја проживееме четвртата, последна година од средното образование во целиот нејзин сјај, заедно со добрите и лошите моменти, и за тоа ми е премногу жал.

Од одењето на училиште најмногу ми недостигаат другарите. Времево поминато без да можам да ги видам ме тера да сфатам колку всушност ги сакам.

Горјан Јанески, матурант во СУГС „Георги Димитров“:

„Искрено, се чуствувам тажно бидејќи тоа е искуство што се доживува само еднаш во животот. Уште од мали слушаме за матурите на нашите родители и колку само спомени имаат од тоа и мислам дека е голема штета што нема да имаме прослава. Во однос за матурата како академски подвиг, чуствата ми се недефинирани. Среќен сум што се откажа и нема да има потреба да се подготвувам со денови, но од друга страна, знам дека моето училиште ме подготви во текот на сите четири години и немаше сомнеж дека ќе поминевме без проблем.

Во врска со фактот дека никогаш повеќе нема да се вратам во средно, чувствувам тага, празнина и гнев дека нема повторно да ги видам училиштето, професорите и другарите што ми ги направија четирите години најубави. Секако дека со повеќето ќе продолжиме да се гледаме и понатака ама тоа магично, детско чувство кое го има средното никогаш нема да го имаме.Сѐ би дал само уште еднаш да бидеме меѓу клупите и да одржиме еден последен час, да се збогуваме како што треба.

Буквално сѐ ми недостасува – не е можно да одвојам едно нешто кое ми е најмило. Ми фали сѐ, од долгите ходници исполнети со џагор и врева, до клупите испишани со формули за препишување, до професорите кои иако често ни се „качуваа на нерви“, со тек на време ни станаа како блиски пријатели. Ми фалат другарите и кока-колите на одмор, ми фалат трачевите со другарките по ходниците, ми фали малата, секогаш загушлива сала. Ми фали сѐ.“

Мила Трајчева, матурантка во СУГС „Јосип Броз – Тито“:

„Од една страна сум среќна што матурата не е нешто на коешто треба размислувам овој период бидејќи целава ситуација колку и да велам дека не ми влијае, сепак има свој удел. Од друга страна, пак, ми е жал што нема да можам да го заокружам моето средношколско искуство со матурска прослава. Но, не се знае, можеби ќе се организира нешто откога ќе ја пребродиме пандемијава.

Самата помисла дека не успеав соодветно да се испратам со училишните клупи ме растажува бидејќи отсега па натаму секогаш кога ќе го посетам училиштето нема да се претставувам како средношколка туку како студент кој бил средношколец таму. Без разлика на тоа, сите спомени ќе оживеат во моментот кога повторно ќе се прошетам низ ходниците.

Без размислување би кажала дека најмногу ми недостасува и ќе ми недостасува ателјето и атмосферата во ходникот на Меѓународната Матура заедно со моите соученици и професори. “

Марија Хана Трајкоска, СУГС „Раде Јовчевски – Корчагин“

Чувствувам дека, со одлуката да се откажат матурските испити, на матураните им се намали стресот и е од голема полза за нас. Секако, се сочувствувам со оние на кои матурата им беше од исклучителна важност за уписи во странство и искрено се надевам дека на крајот, оваа ситуација ќе им излезе во пресрет на сите. Кога се работи за матурската прослава, сум разочарана поради тоа што не успеав на традиционален начин да ја завршам оваа етапа од животот.

Преферирам да не размислувам дека никогаш повеќе нема да се вратам во училишните клупи, но сепак, овие беа едни од најубавите години од мојот животот и фактот што никогаш повторно нема да ги доживеам, кај мене буди чувства на тага. Уште поголемо влијание на тие чувства има начинот на кој овој дел од мојот живот заврши. Во последните 4 години многу се приврзав за моето училиште и ме погодува моментот што нема да можам соодведно да се збогувам со сѐ она што ми го донесе средношколскиот живот.

Она што најмногу ги отпечати изминативе 4 години во Корчагин, се оние моменти на еуфорија и андреналин пред настап во свечената сала. Како Корагинец, сметам дека имаме огромна привилегија што имаме исклучителни професори, особено професорките по македонски Мими Блажевска и Татјана Алексиќ со кои имав можност да ги споделам моите креативни способности и имав можност да научам многу, надвор од училишните клупи. Можам да кажам дека најмногу ќе ми недостасува онаа енергија што ја делиме ние учениците заедно со професорите кога работиме на заеднички проекти и кога речиси не се ни приметува релацијата професор-ученик.

На крај, благодарна сум што имав можност да бидам опкружена со луѓе кои оставија траен печат врз мојот развој.

Бојана Пачемска, СУГС „Никола Карев“

Искрено јас сум сосема „океј“ со тоа што нема да имаме прослава. Сметам дека концептот на славење матура, купување скапи фустани, дотерување до степенот да изгледаш најубаво и најнепрепознатливо е премногу донесено до екстрема. Мислам секако е убаво е и значително да прославиш некаков успех и постигнување, ама сметам дека повеќе се трудиме за матурската прослава отколку за постигнување на тој успех.

Пресреќна сум што ќе можам да го избегнам тој начин на славење, а воедно со класната и целиот клас се договоривме дека ќе си направиме наша прослава, некаде во природа со добра музика, добра енергија и храна. Што искрено, многу повеќе ќе ми значи и многу повеќе ќе го паметам отколку некоја балска вечер во хотел и дискотека.

Кога би требала да издвојам една работа која ми фали во врска со училиште, дефинитивно би била дружбата на и помеѓу часови. Ми фали да гледам различни типови на луѓе на едно место. Иако не сум голем фан на училиште, сметам дека е добра институција за проширување на видиците и запознавање најразлични, прекрасни карактери и философии.

Искрено ми недостига и дотерување и средување до некој степен, колку и смешно да звучи. Од март живеам во пижами, тренерки, дуксери и некако, кога имав обврска да бидам некаде секојдневно, се дотерував и се грижев за тоа како изгледам. Не претерано, секако, ама пак ми беше мерак да експериментирам со изгледот.

Ана Илиева и Стефан Митиќ