Матурантите ги поминаа екстерните тестови со просечна оценка 3.39

Матурантите од 96 средни училишта го завршија екстерното тестирање со просечна оценка 3.39. Како што соопшти министерот за образование Спиро Ристовски најдобри резултати имаат учениците од гимназијата „Раде Јовчевски-Корчагин“-Скопје, а по нив тие од „Јосип Броз-Тито“ од Битола и од уметничкото училиште „Лазар Личеноски“ од Скопје. Во првата петорка, според оценките од екстерното се најдоа и училиштата „Орце Николов“ од Скопје и „Гоце Делчев“ од Куманово.

Матурантите ги поминаа екстерните тестови со просечна оценка 3.39

Според најавите денеска ќе бидат објавени списоците со оценки во училиштата, а од понеделник до среда учениците ќе имаат право на приговор до училишна комисија. Негативни оценки (1) има на 2.596 од вкупниот број полагани тестови кој изнесува 41.852.

Притоа 315 матуранти не ги полагале двата предмета од екстерното тестирање, а 416 полагале само еден предмета, покажуваат податоците на надлежните. Откако ќе поминат роковите за приговори, од Министерството за образование велат дека ќе се одреди датум за сесија за тестирање на матурантите што оправдано отсуствувале од испитот, но тие ќе бидат тестирани по други предмети, а не по оние за кои биле распоредени за полагањето во јануари.

„Нашиот следен предизвик е спроведувањето на екстерното тестирање на крајот на учебната година за сите други ученици. Посветени сме на сите услови од процедурална и техничка природа бидејќи, сепак, овој процес ќе опфати многу поголем број ученици, рече министерот Ристовски кој посочи дека е задоволен од тоа како е спроведено екстерното тестирање за матурантите.

Тој соопшти и дека поради распишаните претседателски избори се одложуваат најавените 15 отсто поголеми или помали плати за јануари за наставниците со најдобри односно најслаби резултати на екстерното спроведено минатата учебна година. Тоа, рече министерот, за МОН е новонастаната ситуација и се должи на законска пречка – не е дозволено со Законот за спречување корупција. Одложувањето е врз основа на мислењето што МОН го добило од Државната комисија за спречување корупција и ќе важи до завршувањето на изборите. Министерството додава тој, ја има подготвено ранг-листата на наставници кои требаше да добијат повисока или пониска плата за јануари, но не смее да ја објавува.