Матурантите денеска полагаат странски јазик

Матурантите од сите средни училишта во Република Македонија денеска полагаат странски јазик што претставува втор предмет од државната матура.

Според Државниот испитен центар, и оваа година најмногу матуранти имаат избрано да полагаат англиски јазик и тоа 16 336. Бројот на кандидати кои се пријавиле да ги полагаат останатите предмети е многу помал. Француски јазик ќе полагаат 134 кандидати, германски јазик 178, а руски јазик 47 кандидати.

За два дена, ќе полагаат средношколците кои избрале математика, а на 19 јуни ќе се полага физика, хемија, биологија, бизнис, историја, филозофија и естетика.

Оваа учебна година за полагање на државна матура се пријавени 17 643 ученици. Прелиминарните резултати ќе бидат објавени за 30 дена. Матурантите кои не се задоволни имаат право да поднесат приговор кој ќе ги чини 1000 денари.