Матуранти се откажаа од свечена облека и ги донираа парите

Во време кога матурантите насекаде се подготвуваат за прославата на полнолетноста, за која нивните родители ќе треба да издвојат поголема сума пари, учениците од четврта година од економското училиште „Вук Караџиќ“ од српскиот град Стара Пазова одлучиле да не купуваат нова свечена облека за матурската прослава. Парите кои ќе ги заштедат на овој начин, тие ќе ги донираат во хуманитарната акцијата „Битка за бебиња“, која се спроведува во Србија.

Матуранти се откажаа од свечена облека и ги донираа парите

Идејата дошла од нивниот класен раководител, Вера Золњан:

„Таа ни предложи барем еднаш во нашите животи, кога ќе имаме можност, да бидеме хумани. Се договоривме дека е многу подобро наместо да се расфрламе со пари, да ги дадеме на некој на кој повеќе му требаат. Ова секако ќе го паметиме цел живот“, вели ученичката Милица Николиќ.

Матурантите ќе прославуваат во облека која веќе ја имаат, а идејата за нивниот потег наишла на одушевување кај нивните родители. Парите кои ќе бидат собрани ќе одат за акцијата за собирање пари за 100 инкубатори за породилиштата во Србија.