Матични лекари утре со молчење ќе протестираат пред ординациите

Со получасовен протест утре (14 јули) пред ординација, матичните лекари протестираат поради игнорантскиот однос и непостоењето никаква поддршка кон нив, од почетокот на пандемијата до денес.

Затоа, со стоење и молк пред ординациите, од 14 до 14:30 часот и со маските кои посочуваат дека самите си ги купуваат, на денот на предизборен молк, тие ќе протестираат за целата негрижа кон матичните лекари.

„Паролата под која ќе стоиме е истата, ја имаме, #ДостаЕ #MjaftMë! Изјави нема да даваме, ниту ќе гостуваме по телевизии, нема потреба од драма таква, драмата е на терен и по болници, има премногу работа!“, посочуваат од Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари, кои стојат зад протестот.

Имаат пет барања со протестот:

1. Итна помош во медицинска заштитна опрема, дезинфициенси и сл.
2. Бараме право да упатуваме пациенти на тестирање по наша процена како лекари, а не алгоритам
3. Бараме да има член претставник од матичните лекари во комисија за заразни болести
4. Стопирање на било какви “реформи” најавени за од 01.07, невиден преседан во сред пандемија.
5. Бараме помош во вид на итно ангажирање на млади колеги кои веднаш ќе се вклучат во системот, а во моментов седат дома без работа.