Мастерклас со Горан Марковиќ, режисерот на „Тито и јас“, во Кинотека

Во рамки на фестивалот за дебитантски филмови „Киненова“ утре ќе се одржи мастерклас со легендарниот српски режисер Горан Марковиќ на тема Актерската игра во крупен план.

Тој е филмски и театарски режисер и сценарист, кој досега има режирано речиси 50 документарци, 11 долгометражни филмови и три театарски претстави. Марковиќ е автор и на три книги.

Тој е добитник на повеќе од 30 југословенски, српски и интернационални награди. Како постојан противник на владата на Слободан Милошевиќ, Марковиќ ги изразува своите политички ставови преку три документарни филмови што ги објавува по 1995 година: „Луди луѓе“, „Обични херои“ и „Србија, година нула“.

Тој воедно е и професор на Факултетот за драмски уметности во Белград и е член на Европската филмска академија во Брисел.

Марковиќ е, исто така, претседател на жирито на „Киненова“ годинава.

Предавањето е отворено за јавноста, а ќе се одржи утре (вторник) во Кинотека на Македонија, со почеток од 11 часот.

Мастеркласот е дел од второто издание на „Киненова“, кој се одржува од 6-11 октомври под мотото „За сè има првпат“.