Масовни протести во Русија поради законот за „интернет-изолација“

Илјадници граѓани излегоа на протест поради сè порестриктивните интернет политики во Русија, кои критичарите сметаат дека можат да водат кон целосна цензура и да ја изолираат земјата од остатокот од светот.

Големи демонстрации се одржаа во Москва, а помали собири имаше и во повеќе други градови низ Русија откако долниот дом на рускиот парламент го изгласа предлог-законот со кој се стопира интернет сообраќајот во Русија да сообраќа низ странски сервери, со цел да се подобри сајбер-безбедноста.

Ваквиот потег за критичарите претставува последен обид за контрола на онлајн содржините од власта предводена од Владимир Путин, додека некои од нив се плашат дека власта може целосно да го изолира интернетот во земјата, по примерот на Северна Кореја.

„Владата се бори против слободите, меѓу нив и слободата на интернет и ова ви го кажувам како некој кој помина еден месец во затвор поради твит“, вели активистот за слобода на интернетот, Сергеј Бојко, кој бил дел од демонстрациите.

Според АФТ, полицијата привела неколку луѓе без објаснување.

Популарната апликација за праќање пораки, Телеграм, која руските власти со месеци неуспешно се обидуваат да ја блокираат, ги повикала корисниците да учествуваат на демонстрациите.

Во порака на руски, преку официјалниот профил на апликацијата, тие соопштиле дека со новиот закон за интернет-централизирање властите сакаат да ја отсечат Русија од остатокот од светот, по што ќе можат да ги блокираат странските социјални мрежи и платформи за комуницирање.

Предлог-законот треба да биде гласан по втор пат за да стапи во сила.