Масовна интернет трговија со животни на кои им се заканува изумирање, покажува нов извештај

Илјадници животни на кои им се заканува изумирање се нудат на онлајн продажба во Европа, покажува истражување спроведено од конзерватори.

Истражувачите пронашле 11.772 понуди, на живи животни или на животински делови од тело, во период од шест недели во Велика Британија, Франција, Германија и Русија, пренесува Еуроњуз.

Понудите се движеле од живи гепарди, папагали и пингвини, до слонови коски и кожа од поларни мечки.

Меѓународниот фонд за благосостојба на животните (IFAW), кои го спровеле истражувањето, ги повика владите да се справат со овој проблем.

Тие велат дека низ историјата нелегалната трговија со дивите животни се вршела во физички простори, но интернетот денеска нуди нови можности на криумчарите да стигнат до огромниот интернет пазар каде „шансите за нивно регистрирање се мали, а профитот од продажба на загрозените животни може да биде исклучително голем“.

„Последнава деценија, на повеќе од 7 илјади носорози им е отстранет рогот. Денеска, популацијата на носорозите се проценува дека е само околу 28.000 единки“, се наведува во извештајот на IFAW.

„Се проценува дека повеќе од 20 илјади слонови се убиваат секоја година поради нивните коски, а едно истражување откри дека бројката изнесувала околу 144 илјади помеѓу 2007 и 2014 година“, се додава во извештајот.

Истражувачите велат дека е тешко да се каже дали животните и животинските предмети кои се нудат на продажба се нелегални. Тие ја користеле Конвенцијата за меѓународна трговија со загрозени видови за да идентификуваат дали животните кои биле предмет на трговија се под опасност од изумирање или не.

Тимот на IFAW откриле 5.381 реклама, раширени на 106 онлајн сајтови за продажба и социјалните медиуми, додека 11.772 животни или предмети од животни на кои им се заканува изумирање, според нивните пресметки, вределе вкупно 3,36 милиони евра.

„Нелегалната трговија со диви животни мора да биде пресретната од сеопфатен одговор. Преку овој извештај IFAW сака да ги поврзе носителите на одлуки и од јавниот и од приватниот сектор и да им обезбеди информации, едукација и поддршка во борбата против сајбер-криминалот, бидејќи, едноставно кажано – потребно е вмрежување за да се победи мрежа“, објаснува Рикерт Реијнен, програмскиот директор на IFAW за криминалот со диви животни.