Масовен протест во Каракас против венецуелскиот претседател Мадуро

Стотина илјади лица ги преплавија улиците на главниот град на Венецуела, Каракас, каде со протестен марш бараа заминување на венецуелскиот претседател Николас Мадуро.

Ова е најголем протестен марш во последните две години. Иницијатор на протестот е тамошната опозиција, која бара оставка од Мадуро поради економската криза, а истовремено е обвинета и државната изборна комисија дека го одложува одржувањето на референдумот. Ваквиот референдум би можел да значи кратење на мандатот на претседателот.

„На светот и ја покажавме  важноста на Венецуела и колку таа сака промени“, рече опозиционерот Хесус Тореалба.

Светските медиуми јавуваат дека во голем број се собрале и приврзаниците на Мадуро, кој, пак, ја обвини опозицијата за државен удар.

Властите наведуваат дека опозицијата во акцијата, која ја опишаа како „заземање на Каракас“, не успеала да собере околу милион луѓе, што им било целта.

„Нацијата триумфираше. Сакаа да ги заплашат луѓето, но луѓето се тука. Го спречивме обидот за државен удар и за предизвикување насилства и смрт во Венецуела и во Каракас“, рече Мадуро на собирот во центарот на главниот град.