Масовен протест против сечење дрвја во Истанбул трае веќе четири дена

Стотина демонстранти кои протестираат против сечењето на зеленилото во парк во центарот на Истанбул денеска се повредени во судири со полицијата, која се обиде да го разбие протестот, кој трае веќе четири дена. Демострантите се противат на узурпацијата на јавната површина, на која се планира изградба на трговски центар.

Полицијата взори упаднала во импровизираниот камп во паркот Гези, во близина на познатиот плоштад Таксим. Во кампот од понеделникот спиеја стотици демонстранти, кои изминатите денови добиваа поддршка од илјадници граѓани на најголемиот турски град. Употребувајќи солзавец, водени топови и гумени куршуми, полицијата насилно ги разбила демонстрантите и уапсила триесетина луѓе. На полициската акција реагираше организацијата Амнести интернешнал, која обвини дека полицијата употребила прекумерна сила.

Протестот уште повеќе го поларизира турското општество, особено околу прашањето на мегаломанските градежни проекти кои ги форсира актуелната власт. Граѓанскиот собир во меѓувреме доби и политичка димензија, а во него се приклучи широк фронт на граѓани незадоволни од политиките на премиерот Реџеп Таип Ердоган. Протестот доаѓа по насилните антивладини демонстрации на 1 мај, кога исто така имаше голем број повредени и уапсени.