Маскота во јапонски забавен парк почина откако играла во 16 килограмски костум при топлотен бран

Јохеи Јамагучи, кој бил во улога на маскота на еден забавен парк во Осака, Јапонија, почина во неделата откако танцувал облечен во костумот повеќе од 20 минути.

Тој работел како хонорарен работник во паркот Хираката, јави „Јапонија Тајмс“, пренесува Индепендент.

Се верува дека костумот тежел 16 килограми. Температурите во Хираката пак достигнале височина од 33,2 степени целзиусови во неделата. 28-годишниот работник, наводно, се онесвестил откако танцувал 20 минути за време на  пробата облечен во целосниот костим.

Еден колега ги повикал службите за итна помош околу 8 часот, но Јамагучи подоцна починал.

Паркот Хираката ги откажал сите настани во кои се вклучени маскоти со слични костуми закажани за летото како одговор на трагедијата.

Портпаролот рекол дека паркот ќе ја испита причината за смртта на 28-годишникот и ќе спроведе превентивни мерки.

Јагамучи беше еден од 11-те лица кои починаа во Јапонија минатата недела поради медицински проблеми поврзани со топлото време.

Уште 5.664 лица биле хоспитализирани, а 119 се изложени на сериозни симптоми на топлотен удар, според информациите на јапонската влада.

Температурите во земјата се зголемија откако сезоната на дождови заврши на почетокот на овој месец.

Во понеделникот највисока температура во Јапонија е забележана во градот Ибигава, во кој се забележани температури високи и до 37,2 степени.