Маски на час, дезинфекција на раце и проветрување – учениците се вратија во училниците

Маски, дезинфекции на раце и држење на растојание се мерките кои продолжија да важат и во второто полугодие од оваа пандемиска учебна година.

По продолжениот распуст кој траеше цел месец, средношколката Елена Алулоска утрово се врати во училиште да ја следи наставата со физичко присуство. Заедно со своите врсници од СЕПУГС „Васил Антевски Дрен“ во Скопје се дел од вкупно 255 илјади ученици од основното и средното образование во земјата на кои од денеска им продолжи второто полугодие.

Алулоска е задоволна како започна денот. Во нивниот клас сите се на број и мора да ги почитуваат ковид протоколите. Можност за онлајн настава има за оние кои тоа ќе го побараат, иако оваа средношколка преферира настава со физичко присуство.

„Сепак е целосно друг начинот на предавање и лекции. Дополнително, тука може да се социјализираме со другите ученици и многу е поразлично“, вели таа за Радио МОФ.

Покрај проветрување, во нивните училници првите клупи од секоја редица се слободни за да се избегне близок контакт меѓу професорите и учениците.

И за учениците во гимназијата „Цар Самоил“ во Ресен започна второто полугодие со физичка настава. По распустот, професорката по музичко образование, Марија Јосифовска денеска повторно одржа час пред своите ученици.

„Децата си знаат дека треба да носат маски и нема никаков проблем. Часот се реализира со сите протоколи“, ни раскажа Јосифовска.

Нивното училиште се организира на тој начин што преку „Вибер“ родителите на дневна основа пријавуваат дали можеби нивното дете има КОВИД-19, а секој класен раководител наутро пред првиот час ја соопштува ситуацијата во својот клас.

И Јосифовска претпочита настава со физичко присуство, бидејќи како што вели, кога наставата е од далечина, се реализира едвај 20-30 отсто, и тоа со максимално залагање на професорот.

„Музичка уметност онлајн може да замислете. Јас им пуштам музика, но тоа не се слуша добро. Ако им кажеш да слушаат Бетовен, јас ќе слушнам, друг нема да слушне. Така што, многу потешко е онлајн. На ‘Тимс’ јас можам да го споделам мојот монитор и да се слуша музика, но таа музика колку тие квалитетно ја слушаат. Ти може да разговараш за анализа на делото и композиторот, но кој колку ме слуша. Камери да пуштат, ќе те гледаат но и тоа којзнае колку е така. Друго е кога си во училница, кога е опипливо“, смета професорката Јосифовска.

Сличен став дели и наставничката Марина Димоска од основното училиште „Кирил и Методиј“ во скопско Стајковци. Таа работи во моментов со ученици од деветто одделение и како што вели, децата се посреќни кога доаѓаат во училиште.

„Има можеби некои на кои уште им е страв од вирусот, но имаме доста прележани“, вели таа.

„Баш ги прашав дали сакаат да одат онлајн, но не изразија таква желба. Ниту еден од нив“, додава Димоска.

И во нивното училиште, вели наставничката, се следат ковид протоколите како носење маски, дезинфекции и држење растојание.

„Ако има можност да седат по еден во клупа кај помалите, да, инаку по двајца седат“, појасни таа.

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири на почетокот од второто полугодие ги повика надлежните и учениците на дослeдно почитување на протоколите.

Тој истакна дека според податоците на МОН, се бележи пад на бројот на новозаразени ученици со КОВИД-19. Сепак, не се отфрлаат и две други сценарија како алтернатива доколку надлежните проценат дека ситуацијата е влошена.

„Едното е преминување на целосно онлајн настава, а другото примена на комбиниран модел, доколку дојде до промена на епидемиолошката состојба која постојано се следи и доколку такви насоки даде Комисијата за заразни болести и доколку такви заклучоци произлезат од скринингот кој ќе го спроведува Министерството за здравство на ученици одбрани по случаен избор“, рече Шаќири.

Наместо на 20 јануари, второто полугодие започна со одложен старт од две недели поради нагорната линија на новозаразени од КОВИД-19. Владата и МОН, по препораки на УНИЦЕФ, донесоа одлука наставата да продолжи со физичко присуство за сите ученици според утврдените и донесени протоколи.

Емилија Петреска