Масив Атак со анти-владини пораки на концерт во Букурешт го поддржаа граѓанскиот револт

Групата Масив Атак ја одушеви публиката од Романија со прикажување анти-владини пораки за време на нивниот концерт во Букурешт.

Трип-хоп бендот, чиј коосновач Роберт Дел Наја е познат по своите политички ставови и активизам, прикажа пораки на поддршка на анти-коруптивната борба во државата. Последниве години во Романија има редовни демонстрации поради сомнежите дека владејачката Социјалдемократска партија (ПСД) ја попречува борбата против корупцијата.

Адриан Раилеану, кој присуствувал на концертот, за Еуроњуз изјавил дека публиката „полудела“ кога започнале да се прикажуваат слоганите.

„Знаеме дека Масив Атак сака да ги прикаже последните вести од секоја држава каде настапуваат и сите го очекуваа тој момент, бидејќи ни беше потребно да знаеме дека она што се случува во Романија во моментов ги надминува романските медиуми“, изјавил тој.

„Многу ни е важно да почувствуваме дека сè уште имаме поврзаност со останатиот дел од Европа и бендовите како Масив Атак, или Аркад Фајр неколку недели претходно, да ја препознаат нашата борба со она што го нарекуваме корупција. Мислам дека е знак на професионализам кога бендот ги познава проблемите на нивната публика“, додал Раилеану.

Четирите пораки кои се појавиле на сцената на концертот биле:

  1. „Крадци во ноќта“ – Реченица која се поврзува со начинот на кој владата во ноќните часови донела итна одлука за декриминализација на некои коруптивни дела.
  2. „Забрана за јавни функции на осудени лица“ – Порака поврзана со моменталната петиција со која се бараат уставни промени со кои би се оневозможиле осудени лица од вршење јавни функции.
  3. Драгнеа: Во 2019 пензиите ќе бидат 1,299 леи (281 евро) – Реченица поврзана со Ливиу Драгнеа, лидерот на владејачките социјалдемократи, кој наводно се обидувал да ги добие гласовите на повозрасните со ветувања за поголеми пензии.
  4. Ребаланс на буџет: Градскиот Совет на Букурешт издвојува дополнителни 10 милиони леи (повеќе од 2 милиони евра) за градската катедрала – Референца кон властите во Букурешт, кои наводно доделиле јавни средства на градската катедрала за да обезбедат поддршка од Романската православна црква.

Концертот доаѓа во период на граѓанска непослушност против владата. Во еден случај, возач го претворил својот автомобил во политичка порака користејќи ја регистарската табличка за да испрати вулгарна критика кон Социјалдемократската партија, додека демонстранти во Клуж користеле трактор за да испишат слична порака на нива.