Мартин Пановски поднесе оставка од работната група за „Скопје 2014“

Архитектот и Претседателот на Асоцијација на архитекти (ААМ), Мартин Пановски, поднесе оставка од работната група формирана за справување со последиците од контроверзниот проект „Скопје 2014“.

Тој за Радио МОФ посочи дека групата официјално не е прекината, не е разрешена од министерот за култура, но се одлучил на ваков потег бидејќи нема услови за работа.

„Плус на сето тоа, се појави информација дека Владата го задолжи министерството за култура за пренамена на споменикот на Мајка Тереза. И, во суштина, тоа беше првиот елаборат каде укажавме дека е дивоградба и треба да се отстрани, бидејќи е ставен насред улица“, вели тој.

Пановски потенцира според елаборатите што ги имаат направено, скулптурите вклучувајќи ја и Порта „Македонија“ се дивоградби.

„Владата треба да си преземе мерки по закон за дивоградби – или да ги легализира, или да ги сруши. Нема друга легална опција. Затоа што, едноставно, не можеш да кажеш ‘ќе седат таму’. Си евидентирал дека се дивоградби, т.е. се прекршени процедурите уште на почетокот на процесот. Штом прекршиш процедура во старт, сето понатаму е ништовно. Сите се водат како спомен-обележја, а не се водат во Собрание. А по закон, мора да бидат изгласани во Собрание. Одлуката за подигнување на споменици е противзаконска. Дури и да ја има како маркица во Детален урбанистички план, бидејќи е на Центар или Град Скопје, а не во републичко Собрание, одлуката е незаконска“, нагласува претседателот на Асоцијација на архитекти на Македонија.

Б.Ш.