Марш за женски права: Не си ти виновна!

Оваа година маршот за женски права  ќе се одржи под мотото „Не си ти виновна“, со свесност за општествените појави и системски недостатоци кои го загрозуваат постоењето на жените како слободни, еднакви, достоинствени и безбедни личности, но и со почит кон досегашните победи на жената за родовата еднаквост, известуваат од Платформата за родова еднаковост.

Поттикнат од случајот „Јавна Соба“, маршот за женски права, гласно и недвосмислено ќе биде посветен на жртвите на родово базирано насилство, бидејќи 8 март е ден кога се слави секоја борба, секој глас, секој отпор, соопштуваат организаторките.

Платформата за родова еднаквост и активистките за женски права, четврта година по ред организираат „Марш за правата на жените“, а овогодинешниот марш ќе се одржи во недела, со почеток од 12 часот на Плоштадот Филип Втори.

Маршот за правата на жените ќе се одвива според однапред определена рута, тргнувајќи од плоштадот Филип Втори, преку Камениот Мост и Плоштад Македонија, а ќе заврши во Паркот Жена Борец.