Марш за женски права на Меѓународниот ден на жената

8ми март е Меѓународниот ден на жената кога се одбележува женската борба за економска, политичка и социјална рамноправност, а во Скопје ќе се одржува Марш на жените.

„Платформата за родова еднаквост организира Марш на жените, во кој движејќи се од плоштадот ’Карпошово востание’ преку Камениот мост и плоштадот ’Македонија’, па до паркот ’Жена-борец’ ќе испратиме порака дека сме тука, дека сме важни и дека нашиот глас ќе биде чуен“, се вели во најавата на Платформата за маршот, кој ќе започне од 12 часот кај споменикот на Олимпија на плоштадот „Карпошово востание“ („Филип Втори“).

Истовремено, велат, со жените низ светот кои на овој 8 март објавија општ женски штрајк, и Платфотмата јасно и недвосмислено порачува дека сакаат еднакво, солидарно и напредно општество.

„Земајќи го предвид родовиот јаз во економската, политичката и социјалната сфера на државата, маршот ќе испрати порака дека родовата еднаквост е важен фактор кон постигнување на демократско и еднакво општество. Ве повикуваме да марширате заедно со нас. За еднакви права, еднаква плата, достоинствен третман и должно почитување!“, стои во повикот за маршот.