Марш за воздух во петок – место средношколски бојкот ќе се протестира на последниот час

Со симболично напуштање на наставата на крајот на денот или солидарен протест за време на последниот час во првата смена, „Петоци за Иднината Скопје“(Fridays For Future Skopje) ги повикаа средношколците да бидат дел од последниот марш за воздух за 2019 година, нaјавен за во петок, 27 декември.

Велат дека ова е важен период од школската година за учениците, но чистиот воздух е уште поважен.

„Затоа Петоци за Иднината Скопје не повикуваат на бојкот на целиот училишен ден, туку симболично напуштање на наставата на крајот на денот за да му се придружат на Маршот. Во знак на солидарност, учениците во прва смена ќе одржат протест за време на последниот час во школските дворови“, потенцираат.

Маршот, како и претходните петоци, ќе започне во 17 часот, пред Министерството за животна средина, ќе продолжи кон Собранието и заврши пред Влада.

„Аерозагадувањето со години е проблем број еден во Скопје и пошироко, кое директно придонесува и за климатските промени, и затоа повеќе не може да чека. Младите од средните училишта во Скопје минатиот петок ја презедоа иницијативата од возрасните, со барање властите итно и со максимален интензитет да се посветат на решавање на овој проблем. По примерот на Петоци за Иднината на глобално ниво, во петок ги повикуваме средношколците повторно да ни се придружат на улиците во 17 часот, на последниот Марш во 2019, на рутата од Министерство за животна средина до Влада. Оние кои ги носат одлуките мораат да разберат колку ова прашање е важно за сите нас!“, велат организаторите.

Со маршот бараат исполнување на листата на барања на коалицијата „Зелен Фронт“ и ги повикуваат граѓаните од сите возрасти, верски, етнички и партиски припадности да им се придружат.