Марш за правата на студентките од Ректоратот на УКИМ на 8-ми март

Во недела, 8-ми март, студентите од УКИМ најавуваат Марш за правата на студентките. Под слоганот „Студентките не се виновни“ организаторите од Универзитетското студентско собрание на УКИМ соопштија дека преку маршот ќе изразат незадоволство од проблемите со кои се соочуваат жените во образовниот систем.

Собирот е најавено да почне во 11:30 минути, а рутата на маршот ќе биде од Ректорат до Плоштад Карпошово востание, каде што студентите ќе се приклучат на официјалниот 8-мо мартовски марш.

„Сведоци сме на секојдневното избуткување на жените на маргините од нашето општество, во здравството, на работното место и пред сè во образовниот систем. Неретко студентките при нашиот универзитет се среќаваат со дофрлување, понижување и вознемирување од највисок степен. Не можеме да бараме целосно вклучување на жената во општеството како рамноправна, како човек, ако образовниот процес постојано и се загрозува уште од основното па се до високото образование. Време е да застанеме заедно и да се спротивставиме на сите оние кои си дозволиле да ги поминат границите на својот авторитет, време е да се спротивставиме на сите кои сметаат дека жените стојат на располагање за чисто естетски причини и на сите кои сметаат дека не сме во позиција да кажеме “НЕ”. Време е да им подадеме рака на колешките, да им се придружиме во борбата и да им помогнеме да им се чуе гласот“, споделија на својот фејсбук профил од Универзитетското студентско собрание на УКИМ кои се организатори на маршот.