Марш на толеранција „Бегалци без граници“ во сабота

Маршот на толеранцијата 2015 „Бегалци без граници“ ќе се одржи во сабота, на 14 ноември, со почеток во 11:55 часот од пред Музејот на град Скопје.

Годинешниот Марш на толеранција е посветен на бегалците, со цел да се подигне јавната свест и да се упати апел до властите за обезбедување хуман и достоинствен третман при нивното транзитирање низ Македонија. Со маршот кој се одржува под слоганот „Бегалци без граници“ се бара и подобрување на инфраструктура на транзитните места и камповите, со цел да се олесни престојот на бегалците.

„Почитувањето на универзалноста на слободите и правата, треба да го поттикне политичкиот ангажман на сите субјекти кон солидарност со бегалците.

Илјадници бегалци во изминатиот период, транзитираа низ Република Македонија, упатувајќи се кон европските држави. На нивниот пат до крајните дестинации, во потрагата по подобар живот, овие луѓе се соочуваат со неправда, нехуманост и нееднаквост какo резултат на практиките на владеење во некои земји, нивните економски и политички режими, кои се заканувачки по системот на европски вредности.

И покрај некои официјални изјави и одредена политичка декларативност, се уште не постои единствена европска програма за справување со големиот прилив на бегалци на европскиот контитент. Во недостиг на таква програма, и особено во недостиг на хумани политики, бегалците се изложени на дехуманизација и на нарушување на нивните основни човекови права и слободи“, стои во повикот за маршот.

Маршот на толеранцијата, годинава го организираат Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија, ЛГБТИ Центарот за поддршка, Фондацијата Отворено општество – Македонија, Цивил – Центар за слобода и Солидарност.