Марш на сексуалните работници во центарот на Скопје

Со цел да се укаже на лошите работни и животни услови на сексуалните работници во Македонија, на 17-ти декември (вторник) со почеток во 12 часот се организира голем марш со црвени чадори низ центарот на Скопје. Тргнувајќи од улица „Македонија” до плоштадот „Карпошово Востание” во Скопје, ќе маршираат сексуални работници, стриптизери/ки, ескорт дами, хот лајн операторки, масерки, активисти за човекови права и нивни поддржувачи.

Марш на сексуалните работници во центарот на СкопјеОрганизатор на настанот е граѓанската Иницијатива за унапредување и промоција на правата на сексуалните работници СТАР-СТАР Скопје, која годинава се приклучува кон Глобалното одбележување на Меѓународниот ден за СТОП на насилството врз овие луѓе.

„Со овој настан би сакал да ја информираме јавноста за големиот број на сексуални работници во Македонија и да ја пренесеме загрижувачката состојба за безбедноста и условите во кои што живеат и работат. Во последните неколку години, најлошите и најраспространетите насилства врз сексуалните работници произлегуваат од хистеријата поврзана со трговијата со луѓе, пропаганда која предизвикува морална паника и од која стравуваат и самите сексуални работници.

Македонија како земја членка на Обединетите нации и членка на Советот за човекови права, потписник на Виенската декларација за човекови права е обврзана активно да работи на подобрување на состојбите со човековите права и слободи, како на национално така и на меѓунардно ниво. Институциите на нашата држава треба да се стремат кон реафирмација на основните принципи за универзалност и неделивост на човековите права“, посочуваат од СТАР-СТАР.